Косовските избори и рефлексиите врз Македонија

123

Коментирајќи го новиот политички релјеф во Приштина, политичките аналитичари во сублимиран заклучок велат дека во периодот што следува Македонија мора да внимава дополнително во одржувањето коректни односи со двете соседни земји

Левичарско-националистичката Самоопределување на Албин Курти победи на предвремените избори во соседно Косово, со што најверојатно ќе ја преземе власта. Покрај решавањето низа социјалните и економски проблеми дома, новите лидери сега ќе бидат под голем притисок од Западот за решавање на „замрзнатиот конфликт“ меѓу Косово и Србија. Она што е интересно по овие политички случувања во нашето соседство е како изборот на новата државна структура во Косово ќе влијае врз релациите со Македонија. Во таа насока треба да се напомене и дека најверојатно идниот премиер на Косово во јавноста беше окарактеризиран како тврд националист и поддржувач за идејата за голема Албанија. На ваква констатација наведуваат и неговите изјави за регионалните медиуми во кои Курти отворено се залага за соединување на сите Албанци во регионот и градење унија помеѓу Албанија и Косово.

– Имаме меѓусебно испреплетени судбини на Балканот, а Балканот не може да има мир ако не се третираат рамноправно Албанците каде и да живеат. Дури и кога немаме надворешни непријатели, ние знаеме да создадеме внатрешни непријатели како последица на криминалот и корупцијата што преовладуваат во нашата политика – велеше Курти во изјави за регионалните медиуми.

Коментирајќи го новиот политички релјеф во Приштина, политичките аналитичари во сублимиран заклучок велат дека состојбите најверојатно нема многу да се променат на терен, но, сепак, предупредуваат дека периодот што следува, во кој ќе треба да приврши дијалогот помеѓу Белград и Приштина, Македонија мора да внимава дополнително во одржувањето коректни односи со двете соседни земји. Поранешниот дипломат Ристо Никовски и познавач на регионалните политики вели дека, по победата на Курти на изборите во Косово, можеме да очекуваме заострување на односите меѓу двете земји во блиска иднина.

– За жал, на Косово победи најекстремната опција, чиј лидер Курти отворено се залага за реализација на големоалбанскиот проект и тоа, секако, ќе биде нагласена политика на новата власт. Не дека и другите политичари на Косово немаат слични амбиции и не работат на истиот проект, ама Курти е директен, отворен и бескомпромисен. Можеме да очекуваме заострување на односите меѓу двете земји, што најверојатно нема да води до поголема внимателност во нашата земја, бидејќи албанската коалиција во власта, особено нејзините лидери се горе-долу на истата линија – вели Никовски.

Од друга страна, победата на Самоопределување на Албин Курти на косовските избори е лавина што ќе ги стигне сите делови на регионалниот корумпиран картел, порачува професорот Блерим Река, поранешен кандидат за претседател на Македонија. Професорот Река уште пред два месеца ја најави победата на Курти пред корумпираните власти на Косово, а сличен развој на настаните предвидува и за Македонија и другите земји во регионот. Според Река, победата на Курти меѓу другото е и поради барањето на САД, кои почнале глобална војна против корупцијата, да не се гласа за корумпирани политичари.

Слични ставови има и гостиварскиот градоначалник Арбен Таравари. Тој неодамна, при посетата на Албин Курти на Гостивар, најави дека со неговата победа на Косово ќе осамне нов ден за Албанците, а со тоа ќе почне албанската пролет од Косово до Македонија.

– Почнувајќи од Косово и продолжувајќи кон Северна Македонија, акцијата почна, албанската пролет почна! Со победата на Косово, тоа ќе биде најголемиот чекор кон зачувување на нашите семејства од карциномот на властите што ни го загрозува животот – напиша неодамна градоначалникот на Гостивар, Таравари, на својот фејсбук-профил.

Инаку Курти, кој најверојатно ќе има задача да ја формира владата, ја стекна славата како студентски активист, протестирајќи против српската репресија во 1990-тите години. Овој 44-годишник стана строг критичар на политичката елита на Косово и неговото место како премиер ќе претставува нова ера за младата демократија.

Вчерашните предвремени избори беа свикани откако бившиот премиер Рамуш Харадинај во јули поднесе оставка за да се соочи со сослушување од специјалниот суд во Хаг, кој ги истражуваше воените злосторства во 1998-1999 година. По официјализирањето на резултатите, десет од 120 места во косовскиот парламент се резервирани за етничките Срби, кои според изборните резултати ги доби Српската листа. Уште десет места се за другите малцинства.

[email protected]