Коронавирусот стигна и во Македонија

131
Фото: Игор Бансколиев

Вчера беше регистриран првиот случај на коронавирус во Македонија. Како што кажа министерот за здравство Венко Филипче, станува збор за пациентка што дошла од Италија, а моментално е изолирана на Инфективната клиника во Скопје

Вчера, во попладневните часови, се одржа вонредна прес-конференција во Владата, при што беше потврден и првиот регистриран случај на коронавирус во Македонија. Како што кажа министерот за здравство Венко Филипче, станува збор за пациентка што дошла од Италија, која еден месец била таму, две недели била болна, се третирала во Италија, а непосредно по влегувањето кај нас се упатила на Инфективната клиника

Според министерот Филипче, нема простор за паника, пациентката е изолирана и сега се прави проверка на сите патници што биле со неа. Станува збор на лице од Скопје, родено во 1970 година, а претпоставките се дека не им ја пренело болеста на други.
Во однос на појавата на првиот случај на коронавирусот во Македонија беше порачано дека нема простор за паника, здравствените власти се подготвени за реакција и не треба да се очекува дека Македонија ќе забрани трансфер на лица од други држави.
Премиерот Спасовски по повод новонастанатата состојба побара од граѓаните целосно да се придржуваат до препораките што се издадени од Министерството за здравство.

Иако постои загриженост во Македонија од ширењето на коронавирусот во Европа и неговото приближување и до нашите граници, сепак досега не е забележана некаква шопинг-треска и создавање резерви од прехранбени производи и средства за дезинфекција како што е случај во земјите од Европа.
Имено, во северниот дел на Италија, дента кога беше соопштена бројката од стотици заразени и тројца починати од коронавирусот, реакцијата на државата и на населението беше подигната на ниво на вонредна состојба, а маркетите беа испразнети само за неколку часа. Слична е реакцијата и во Хрватска, откако е хоспитализиран првиот заболен од коронавирус во Загреб. Во повеќе маркети и продавници во главниот град на Хрватска се забележани празни полици на одделите со производи за дезинфекција, а драстично била зголемена и побарувачката за сите видови брашно, тестенини, ориз, житарки, млеко, масло, оцет, како и конзервирани производи. Празните полици низ маркетите асоцираат на своевидна подготовка на населението за домашен карантин.

Актуелната состојба во македонските маркети и продавници деновиве сепак не укажува на некоја поголема купувачка активност од вообичаено. Од неколку синџири на маркети во Македонија добивме одговор дека не е забележана некоја невообичаено зголемена потрошувачка ниту воопшто, ниту на некој одреден производ. Само од еден синџир на маркети добивме одговор дека сепак е забележано мало зголемување на продажбата на основни продукти во период во кој не е типично да има пораст, како што е крајот на месецот.
Од аспект на потрошувачка и побарувачка во Македонија, тоа засега најмногу се манифестира со зголемена побарувачка на заштитни маски, за кои на социјалните мрежи и во одредени медиуми се вели дека има недостиг во аптеките. Во Министерството за здравство велат дека имаат на располагање 40.000 маски, од кои дел се распределени на граничните премини, на Клиниката за педијатрија и во болницата во Штип, одредена за евентуална потреба од карантин, додека другите резерви се чуваат на Инфективната клиника.

Во меѓувреме, откако опасноста од ширење на коронавирусот стана реалност во Европа, по регистрирањето на голем број заболени лица во Италија, здравствените власти во Македонија укажаа дека многу е реална можноста наскоро да се појави и првиот заболен од оваа болест и во нашата земја, што вчера и се потврди. Соочувајќи се со таквите предвидувања, од Министерството за здравство се преземени превентивни медицинско-хигиенски мерки и упатства, во согласност со препораките на СЈО, истовремено нагласувајќи дека засега нема потреба од подрастични мерки – како карантин за сите патници што доаѓаат од подрачјата каде што е регистриран коронавирусот.
– Треба да се биде подготвен, зашто со оглед на фактот дека во земјите во наша близина е регистриран коронавирусот, лесно може наскоро и ние да се соочиме со првиот пациент со симптоми од вирусот во нашата земја. Навистина, тешко е да се претпостави веројатноста кога и во колкав размер би се проширил, но нема потреба да подлегнуваме на страв од вирусот. Досегашната статистика покажува дека компликациите и смртноста од овој вирус се помали од другите вируси што се појавиле во изминатите години. Покрај тоа, епидемиолозите велат дека со зголемување на температурите, вирусот се уништува. Но, секако, препорачливо е да се применуваат упатствата за превенција од коронавирусот – порача министерот за здравство Венко Филипче на средба со новинарите.

Меѓу другото, во однос на превенцијата, тој укажа дека носењето обични хируршки маски не е препорачливо како заштита од вирусот за здрави луѓе, туку пред сѐ треба да ги носат заразени лица (од кој било вирус, не само од коронавирус) за да ја заштитат оние луѓе што им се во близината. Напротив, кај здравите луѓе маските може да бидат и причина за зараза.
Откако се активирани мерките за претпазливост од коронавирусот во Македонија, препораката на Министерството за здравство е оние што се сомневаат дека имаат такви симптоми да не одат во амбулантите, туку веднаш да се пријават во Институтот за јавно здравје, каде што ќе бидат тестирани. Министерството за здравство постојано следи и информира за развојот на состојбата со коронавирусот во Македонија и евентуалното појавување на првиот заразен пациент.

Maкедонските граѓани засега не создаваат залихи од храна како што се случува во Европа
Фото: Игор Бансколиев

Препораки на Агенцијата за храна и ветеринарство

Агенцијата за храна и ветеринарство упатува апел за максимално почитување на препораките од Светската здравствена организација (СЗО), за спречување појава и ширење на коронавирусот и во нашата земја. Бидејќи станува збор за зооноза, болест што може да се пренесе и преку контакт со животни и производи од животинско потекло, Агенцијата за храна и ветеринарство, во координација со Ветеринарната комора на Република Северна Македонија, ги информира и упати апел до ветеринарните друштва за максимално почитување и информирање и на граѓаните за препораките за заштита од можна појава и пренесување на коронавирусот и преку животните и храната од животинско потекло.
СЗО апелира да се избегнува незаштитен контакт со домашни или диви животни, храната од животинско потекло темелно термички да се обработи при приготвувањето, да се користат различни садови и ножеви при приготвување и сечкање сурова и зготвена храна, рацете да се мијат по секој контакт со различните видови храна (сурова или зготвена). При работа со животни да се носат заштитни ракавици и маски, а работната облека секојдневно да се преслекува и пере.
Задолжително да се мијат рацете при контакт со животни и храна од животинско потекло, а треба и да се избегнува контакт со болни животни, расипано месо, отпадоци и отпадни материи.
Личната хигиена и миењето на рацете, избегнувањето контакт со лица што имаат симптоми на настинка или вирус исто така се дел од примарните препораки на СЗО за спречување појава и ширење на коронавирусот.