Коригирани 22 учебника за новата учебна година

177

Дваесет и два коригирани учебника за учебната 2018/2019 ќе достави Министерството за образование и наука низ училиштата. По првпат од оваа учебна година сите учебници што МОН ги обезбедува бесплатно за учениците истовремено ќе бидат во слободна продажба и тоа со истата цена по која Министерството ги откупува.

Ова се дел од конкретните активности кои ги презеде МОН заради обезбедување што подобро и поквалитетно образование за сегашните и идните генерации на ученици, а кои денеска на прес-конференција ги презентираше ресорниот министер Арбер Адеми.

Тој посочи дека сите ученици од прво, второ и трето одделение ќе имаат нови комплети учебници секоја учебна година.

– Во тек е процесот за изготвување на нови 31 учебник за стручно образование. Од Оваа година за првпат се воведува италијанскиот јазик како втор странски јазик -потенцира Адеми.

Директорката на педагошката служба Вања Велева рече дека повикувајќи се на измените во Законот за учебници во основното и средното образование иницирани од Владата, а усвоени од Собранието, се овозможени интервенции на најмногу до 30 отсто од содржината на учебниците.

– Целокупниот процес почна со спроведување анкета низ училиштата преку која добивме првичен сигнал за конкретните потреби од промени низ содржините на одредени учебници. Нашата примарна задача, сите заедно да придонесеме за квалитетно образование, е и ќе биде приоритет на оваа Влада и на МОН – додаде Велева.