Корекција на границите на Балканот закана и за Македонија

2382
Фото: Дарко Андоновски

САД одлучни да го решат косовското прашање

Македонските власти и претходно предупредија дека се против промена на границите на Балканот, но нерешителноста или неспособноста на Европа да го реши српско-косовскиот спор, повторно ги враќа САД во игра, кои овој пат имаат намера целосно да го затворат прашањето до крајот на следното лето, при што како опција се наведува разграничувањето со Србија и корекција на границите

Администрацијата на актуелниот американски претседател Доналд Трамп има намера за време на неговиот мандат да го реши прашањето на Косово, а повторно како можна опција се наведува разграничувањето со Србија.
Овој впечаток се добива ако се следат изјавите на советниците на Трамп, особено на Џон Болтон, кој прв ја лансира идејата за можно разграничување меѓу двете земји како една од опциите за надминување на овој проблем.

Но дали ваквите идеи за корекции на границите меѓу Србија и Косово не претставуваат и директна закана и за соседните земји, пред сè Македонија, бидејќи во минатото секакво прекројување на границите водело кон конфликти и крвопролевање.
Македонските власти и претходно предупредија дека се против промена на границите на Балканот, но нерешителноста или неспособноста на Европа да го реши српско-косовскиот спор, повторно ги враќа САД во игра, кои овој пат имаат намера целосно да го затворат прашањето до крајот на следното лето, бидејќи во ноември 2020 година се закажани американските претседателски избори.

Дополнително загрижува и институционалната конфузија што завладеа во земјава по избивањето на аферата „Рекет“, како и нагласените политички несогласувања меѓу власта и опозицијата. Сето тоа само го ослабнува имунитетот на државата да се носи со евентуални предизвици од поголем размер. Треба да се земе превид и однесувањето на албанскиот фактор, кај нас и во соседството, кој секако нема да остане имун на случувањата во Косово.

Во една таква насока може да се протолкува и изјавата на албанскиот премиер Еди Рама дадена во интервју за „Еуроњуз“, каде што вели дека доколку Македонија добие датум за почеток на пристапните преговори со ЕУ во октомври, а Албанија не, тоа би можело да го дестабилизира регионот, без да појасни зошто нечии евроинтеграции би предизвикале дестабилизација.

– Би било многу штетно за регионот, а истовремено и неправедно. Македонија постигна напредок и заслужува пофалби, но прашањето е дали нам ни е потребен конфликт за да се процени она што ние го правиме – изјави Рама.

Прашање е дали ако САД ја отворат балканската Пандорина кутија и одобрат корекција на границите меѓу Србија и Косово, тоа ќе остане само на таа територија, или ќе се разбудат некои подзатскриени идеи за големи држави.
Аналитичарите сметаат дека идејата за разграничување е опасна за целиот регион, па и за Македонија.

– Има индикатори дека Вашингтон сака што поскоро да го затвори косовското прашање и очигледно, формулата на разграничување е на маса. Тоа тешко ќе помине и оваа формула е опасна за целиот регион, не само за Македонија – смета поранешниот амбасадор Ристо Никовски.
Тој додава дека разграничувањето меѓу Косово и Србија би можело да го искористат и други држави во овој регион.

– Да не заборавиме дека БиХ е многу покомплициран случај и еден таков преседан ќе отвори простор и за разбивање на оваа држава – смета Никовски.
Според него, нерешителноста на ЕУ и внатрешните проблеми на Унијата придонесуваат за ваквите состојби.

– Балканот уште подолго време ќе биде европска рак-рана, а главната причина е што Брисел нема никаква политика за нашиот регион. Покрај тоа, внатрешните проблеми на Унијата го стопираат проширувањето, кое е единствен излез за сите земја – нагласува Никовски.

Очигледно потезите што ги влече Вашингтон се резултат на анемичната европска политика, која успеа дополнително да го зголеми јазот меѓу Белград и Приштина. САД во решавањето на проблемот со Косово не ја исклучуваат ЕУ целосно, но се решени работата да ја завршат на нивен начин, бидејќи на администрацијата на Трамп ѝ е важно актуелниот американски претседател да има голема улога во тоа и српско-косовското прашање да се реши до следното лето, пред почетокот на претседателската кампања во САД. Тоа на Трамп би му донело дополнителни поени кај гласачите.
Останува отворено прашањето дали американската решителност би можеле да ја искористат и некои други сили на Балканот, така што корекциите на границите би зафатиле и поголем простор од планираното.