Конфренцијата „За општество ослободено од корупцијата“ утре во Скопје

85
Фото: илустрација

Премиерот Зоран Заев ќе ги претстави антикорупциските чекори на Владата, како прв говорник на конференцијата „За општество ослободено од корупцијата“ во организација на ЦИВИЛ и Зелена лупа, што ќе се одржи утре во хотел „Парк“ во Скопје (13.30 часот).  

Се очекува заменик-министерот за правда Оливер Ристовски да ги претстави владините постапки поврзани со новиот предлог-закон за антикорупција. Розета Трајан, експертка со големо искуство и Генерален секретар на Секретаријатот на Државната комисија за спречување на корупцијата ќе говори за искуствата во борбата против корупцијата.

Ќе говори и активистката и експертка за човекови права, проф. Мирјана Најчевска, како и Ване Цветанов, претседател на Зелена лупа, поранешен директор на Агенцијата за спречување на перење пари, подоцна обвинет во судско-полицискиот случај „Шпион“.

Конференцијата ќе ја води Џабир Дерала, претседател на ЦИВИЛ, кој ќе говори за корупцијата во изборните процеси и политичката култура на корумпираното општество.

Конференцијата ќе биде ретка прилика на едно место да се видат највисоките претставници на Владата, експертската заедница, институциите и невладините организации и да разменат ставови за најжешката тема во земјава и во светот – корупцијата.

Освен потврдените шест говорнички и говорници, досега, своето учество го најавија и Џевдет Хајредини, експерт за финансии и поранешен министер за финансии, Павле Трајанов, претседател на Демократски Сојуз и низа други. Своето присуство го најавија и повеќе претставнички и претставници на меѓународната заедница. Терминот на конференцијата е ограничен на 120 минути.

Конференцијата има цел да иницира создавање јавен простор во кој прашањата поврзани со корупцијата ќе се дискутираат во континуитет, со учество на пошироката јавност во интеракција со релевантни претставници на различните владини сектори, граѓански организации, институции и експерти. Поканети се претставници на медиумите, граѓанските организации и институциите, како и претставниците на меѓународната заедница.

Врз основа на излагањата и коментарите, ЦИВИЛ ќе подготви и препораки што ќе ги претстави во јавноста преку својата медиумска платформа и соопштенија до јавноста.
Конференцијата е дел од проектот „Граѓанките и граѓаните за слободно општество“, поддржан од Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија.