Конфискуваната покуќнина на Евреите тајно се транспортирала во Бугарија!

1357

Пишува: Блаже Миневски

Премиерот на Бугарија, габаритниот Бојко Борисов, оној што смета дека Македонците и Бугарите се „братски хора, с’шти народ“, пред извесно време запрашан за тоа „дали не е подобро еден бугарски политичар да се извини за депортациите“ на Евреите, затоа што, сепак, „станува збор за луѓе што биле под бугарска администрација“, луто одговори: „Да се извинам, затоа што сме спасиле 50 илјади Евреи?“ Притоа, самиот призна дека наводно не слушнал за бугарскиот закон за заштита на нацијата, со кој, кон крајот на 1940 година, антисемитизмот станува и официјална државна политика на Бугарија, но вети дека ќе го извади Законот од архивите и ќе го прочита за да „формира став и мислење врз база на сериозна анализа“.

Бидејќи „анализата“ веројатно уште не е направена, еве неколку факти што ќе помогнат да „формира став“ за депортациите на Евреите од Македонија. Бугаринот Иван Захариев, кој пред седумдесет и шест години бил комесар по еврејски прашања во окупирана Македонија, со воени камиони на своја домашна адреса во Бугарија испраќал скапоцени предмети и покуќнина ограбени од еврејските куќи во Скопје! Што се случило подоцна со тој имот? Каде завршиле клавирите, златните и сребрените сервиси, скапоцениот накит што бил ограбен од семејствата затворени во скопскиот монопол, а потоа депортирани во Треблинка? Кои се „скопјаните“ што преку лицитација се снабдувале со туѓи спални соби, трпезариски маси, столови, гитари, виолини, машини за шиење…? Каква е таа бездушност да купуваш на јавно наддавање предмети од покуќнината на оние што токму во тој миг биле задушувани во гасните комори низ Европа?

Скопскиот имот на Евреите се продавал во корист на Бугарија!

Според документите до кои дојдовме, бугарскиот Комесаријат за еврејски прашања, со наредба од 22 септември 1942 година, за комесар за еврејски прашања во Скопје го назначил Иван Захариев, кој истовремено бил поставен и за помошник-кмет на скопската општина, значи му помагал на кметот Спиро Китинчев, заедно со другите четворица помошници, меѓу кои е и Кирил Жерновски, на пример. Се разбира, сите во општината бездруго добро знаеле што работи Иван Захариев. Штом дошол во Скопје, на 24 септември 1942 година, ги известил вработените во општината дека во иднина тој лично ќе решава за сѐ што е во врска со Евреите на територијата на скопската еврејска општина. Со тоа Захариев станал страв и трепет за Евреите во Скопје. Истиот Захариев, во јануари 1943 година, значи само два месеца пред да ја реализира акцијата за собирање на Евреите во монополот и депортирање во Треблинка, издава наредба со која меѓу другото на сите Евреи во Скопје им забранува да посетуваат ресторани, слаткарници, кафеани, млекарници, да одат во кино, на игранки, во театар, па дури и да шетаат во Градскиот парк и да се движат по главните улици. Со оваа монструозна наредба, на сите Евреи им било забрането да се кријат во јавните скривници при воздушни тревоги, што значи дека им било наредено да бидат жива цел на бришан простор. Според сеќавањата на Жамила Колономос, македонска револуционерка и првоборец, професорка по француска филологија, општественичка, писателка и публицистка, авторка на прилози, мемоари и документи за минатото на Евреите во Македонија, особено во Втората светска војна и НОБ, која почина пред неколку години на 91-годишна возраст, бугарската влада ревносно ги следела „фашистичките режими во Европа, односно нивното законодавство и пропаганда“. Притоа од писмото на скопската еврејска општина до еврејската општина во Битола, испратено на 24 мај 1942 година, може да се види дека во Скопје сите еврејски дуќани биле ликвидирани уште на 28 февруари 1942 година: „Сопствениците на дуќаните беа предупредувани од контролорите на Бугарската народна банка средствата добиени од ликвидацијата да се уплатат во банката. Постојат повеќе документи за конфискација на дуќани и продавници на лица од еврејско потекло во полза на окупаторот, а Министерството за внатрешни работи и народно здравје ги обврзува сите лица од еврејско потекло да носат посебен знак, односно значка, шестокрака ѕвезда со жолта боја, закачена на левата страна од облеката. Значки не носеа само децата под 10-годишна возраст.“

Во меѓувреме бугарскиот окупатор подготвил и списоци за транспорт на Евреите од Скопје. Според списокот, околу 5.000 лица требало да бидат натоварени во пет воза на железничката станица во Скопје. Пред да бидат натрупани во вагоните, скопските Евреи биле однесени во собирен логор, односно во логорски приспособените згради на скопскиот монопол, кои биле блиску до железничката станица. По завршувањето на подготовките, ноќта меѓу 10 и 11 март 1943 година, градот бил блокиран, а еврејските населби опколени со бугарска војска и полиција. Во раните утрински часови на 11 март почнало собирањето на Евреите. По куќите, од број на број, оделе по неколку вооружени полицајци, агенти и војници. Ги скоривале сите со ред, ги туркале надвор и ги товареле во камиони или шпедитерски коли. Додека ги извлекувале луѓето од нивните сопствени куќи, полицајците и агентите собирале сѐ што им се допаѓало, а грабежот продолжил сѐ до доаѓањето во монополот, но и откако сопствениците ги затвориле во логорот. Според сведочењето на неколкутемина преживеани од скопскиот монопол, службените лица им одзеле речиси сѐ – пари, прстени, часовници, лекови, сапуни, ќебиња, мантили…

Во грабежот учествувале не само стражарите туку и агентите, кои постојано се моткале околу затворените, иако Министерскиот совет на бугарската влада на 2 март 1943 година, значи десетина дена претходно, донел одлука со која сите „подвижни и неподвижни имоти на лицата од еврејско потекло се отуѓуваат во корист на државата“. Два дена по собирањето на скопските Евреи во монополот, значи на 13 март 1943 година, Комесарството за еврејски прашања во Софија издало наредба за „ликвидација на имотите на лица од еврејско потекло“. Веднаш потоа скопскиот комесар за еврејски прашања Иван Захариев упатува циркуларно писмо до сите заинтересирани установи дека имотите ќе се продаваат за левови според процена на комисија. Во таа насока скопскиот обласен директор Димитар Раев именува комисија, во состав Иван Захариев, делегат на Комесаријатот за еврејски прашања, Симеон Касов, обласен началник за посебен данок, и Христо Зографов, директор на Првата машка гимназија во Скопје, кој бил задолжен за распоредување на предметите и покуќнината за потребите на државните и општинските установи. Од документацијата се гледа дека голем број организации, установи, училишта, културно-научни институции побарале разни работи од покуќнината на депортираните Евреи, што значи дека додека Евреите сѐ уште биле во скопскиот монопол без храна и без вода, ограбени и измалтретирани до крајни граници, некои скопјани, односно општинската управа веќе организирала распродажба на еврејскиот имот.

Во првата фаза на „отуѓување на имотот во корист на државата“ конкурираат голем број институции, без никаква почит кон мртвите и депортираните. Во тој список, меѓу другите, се Скопската обласна дирекција, Полициската управа во Гевгелија, Штабот на една самостојна коњичка бригада, Скопскиот универзитет – Државната народна библиотека, Општинската управа во Царево Село, манастирот „Свети Пантелејмон“ кај Кочани, Околиското агрономство во Скопје, весникот „Бугарско дело“ од Битола, Лозовиот расадник во Сарај, Природно-научниот музеј во Скопје, Читалиштето во Велес, Народниот театар во Скопје, Тенискиот клуб во Скопје, Бугарскиот народен сојуз за фискултура, Просветно-музичкото друштво, скопското женско училиште „Екатерина Симитчиева“, училиштето „Кнез Симеон Трновски“, основното училиште „Отец Паисиј“ од Скопје и многу други.

Бугарскиот окупатор добро знаел дека ниту еден од депортираните нема да се врати, па затоа само два дена по нивното собирање во монополот почнува грабежот на имотот. Притоа треба да се знае дека најдобрите и најскапоцени „парчиња“ претходно веќе ги однеле токму службениците, чуварите, полицајците, агентите и членовите на комисиите, транспортирајќи ги веднаш надвор од Македонија. Можеби дури и сега негде во Бугарија може да се најдат скапоцени предмети однесени од куќите на депортираните и ликвидирани македонски Евреи!

Грабеж за лична употреба!

Според востановената практика, откако ќе се распродадело сѐ што има во куќата, клучевите му се предавале на Иван Захариев, кој располагал со куќата додека државата не ја продадела или подарела на некоја установа. Претходно сите поубави и повредни работи биле сортирани во скопската синагога за да им бидат отстапени како подароци на заслужни приватни лица, или едноставно украдени од полицајците и агентите. Станува збор за ретки скапоцености и уникатни предмети, меѓу кои имало и цели спални соби, сребрени и златни сервиси, странски душеци и завеси, јоргани, клавири, килими и слично.

Во документацијата што останала зачувана во архивите во врска со „сортирањето на имотот“ не биле селектирани само златните и сребрените сервиси туку и стилските шифоњери, отомани, наткасните со ноќни ламби, огледалата, уникатните гитари, скапоцените клавири и виолини, машините за пишување со латинични букви, стилските фотелји и многу други работи. Голем дел од овој имот бил однесен во станови на угледни скопски семејства или во некои од установите во градот.
Дека ваквиот морбиден грабеж бил сфаќан како нормална работа сведочи и еден документ од 24 април 1943 година, писмо од Германското училиште во Скопје, кое побарало спална и три отомани, две библиотеки, две печки, еден клавир, еден фрижидер и три килими. Сите предмети што ги барале им биле дадени, односно постои документ од примопредавањето. Зошто на училиштето му била потребна спална соба, може само да се нагодува. Згора на тоа, истото училиште неколку дена подоцна побарало уште 36 други предмети и пак ги добило сите, а во август, кога најголем дел од скопските Евреи најверојатно веќе биле ликвидирани во Треблинка и другите логори, повторно барало разна покуќнина, па комисијата во состав Миле Попов, Миле Серафимов и Тихомир Христов донела одлука на училиштето да му се доделат и еден трикрилен орман, два креденца, два кауча, три пара прекривки, четири пердиња, пет салфети, една крпа, една маса, два душека, десет перници, три свилени јоргани, три јоргански чаршафи, една комплет спална со трикрилен орман, два кревета, две наткасни и еден тоалет од оревово дрво, четири прекривки за маса, два штофа за женски фустани и друго. Кој го барал сето тоа? Кој бил директор, а кој професор во ова монструозно училиште? Во грабежот на еврејскиот подвижен имот, во општата пљачка, учествувале и разни луѓе што оперирале во градот, а кои ги кршеле дури и печатите на еврејските станови и ги ограбувале пред комисијата да направи увид и попис на предметите. Сепак, најмногу кражби вршеле џандарите и агентите, кои ноќе провалувале во куќите и ги ограбувале.

Триесетте украдени костуми на полицискиот началник Џогенски!

Во градот „оперирале“ и разни други службеници, членови на комисии, чувари, ликвидатори и други. Постојат документи дека некојси Славчо Стоилов украл печка, пружина, две наткасни, три чаршафи, три перници и едно ѕидно огледало. Агентот Илија Неделков, по војната, на распитот пред македонските истражни органи ја дал следнава изјава: „Во текот на месец март 1943 година се случи иселувањето на Евреите од Скопје. Тогаш сите агенти земавме од Евреите кој што може и како може. Лично јас зедов за себе едно пенкало, три вратоврски, две кошули и еден костум. Знам дека Ѓорѓи Цонов и Анто Антонов, еден ден пред да бидат транспортирани Евреите од Скопје, влегле во една еврејска куќа кај дрвеното мовче, направиле претрес и зеле многу злато. Тоа го чув лично од нив. Агентот Тодор Ташев зел мебел. Емил Михајлов зел спална и дневна соба, комплет, а Јордан Џогенски, началник на криминалната служба, си соши над 30 костуми со материјал што го собрал од еврејските куќи и дуќани. Борис Ѓулгеров пред мене расправаше дека зел едно ќесе со 30-40 жолтици, но му ги дал на началникот Цанков, а после се каеше што не ги задржал за себе. Иван Захариев, комесарот по еврејски прашања, со камиони праќаше најскапоцени предмети и покуќнина за Бугарија, на својата адреса, во неговиот град. Никола Кодов, началник на административната служба при Скопското обласно управление, зел од Евреите по разни основи над шест милиони лева. Истиот овој началник, ’хумано’, за пари се разбира, им го олесни префрлувањето и на некои Евреи во Албанија. Се зборуваше дека и самиот обласен полициски началник Стефан Стефанов земал пари за лажни пасоши со кои Евреите преку Албанија оделе во Италија. Земаше големо мито за тоа.“

Во мај и јуни 1943 година во скопскиот фашистички весник „Целокупна Б’лгарија“ редовно излегувале огласи со кои се информирале граѓаните за јавната лицитација на еврејскиот имот преостанат во куќите и во магацините. Според огласот, предмет на продажба биле спални, столови, трпезарии, машини за шиење, всушност само она што останало по грабежот од страна на власта, функционерите, агентите и полицајците. Поради кражбите со лицитациите не можела да се собере сумата што се очекувала. Имено, од еврејскиот подвижен имот во Скопје се очекувале околу 50 милиони лева, а се собрале само 12.070.960 лева, значи само околу една петтина од предвидената сума. Сето друго отишло низ каналите на општиот грабеж што го извршиле оние што имале пристап до куќите на скопските Евреи во таканаречените еврејски маала во градот. Притоа, Борисов треба да знае дека од околу петте илјади скопски Евреи, на крајот успеале да се спасат само 167 лица, дел ослободени како странски државјани, неколкумина како лекари и двајца што успеале да побегнат од скопскиот монопол.


Само подвижниот имот на Евреите од Скопје се проценува на повеќе од 13 милиони долари

Според Законот за заштита на нацијата, оној што Бојко Борисов треба да го прочита за да „формира став и мислење врз база на сериозна анализа“, секој Евреин морал да пополни специјална декларација, која содржела недвижен имот, бугарски пари и чeкови, странски банкноти и чeкови, сметки во бугарски банки, сметки во странски банки, златни монeти во ситe видови, злато во зрно и друго злато, часовници, табакeри, бразлeтни, брошeви, прстeни, дијадeми, златни прeдмeти и сeрвиси, гравури, украси, статуeти, виљушки, ножeви и садови, дијаманти, рубини, бисери и брилијанти, бугарски и странски обврзници, акции, дeлови од акции на бугарски и странски прeтпријатија, мeбeл, скапоцeни странски штофови, ситe видови кожа, кожени капути и слично, бугарски и странски тeписи, автомобили, мотори, вeлосипeди, пајтони, запрeжни коли, бродови, шлeпови, моторни чамци, чамци, лаѓи, потоа машини во фабрикитe и работилницитe, како и ситe алатки во нив, стока во магацинитe, фабрикитe, работилницитe, складишта и слично; разни видови инсталација, инвeнтар и друго. Тоа всушност бил список за организација на грабежот што се подготвувал да се изврши заедно со депортацијата на Евреите. Притоа, според овие декларации, само подвижниот имот на Евреите депортирани од Скопје се проценува на повеќе од 13 милиони долари, кои Еврејската заедница веќе има побарано да ѝ бидат вратени од Бугарија. Со камата, се разбира!