Континуитет или прекин на македонската државност

1160
Фото: Дарко Андоновски

МАКЕДОНИЈА ОДБЕЛЕЖУВА 28 ГОДИНИ ОД ПРОГЛАСУВАЊЕТО НА НЕЗАВИСНОСТА

Во оваа 2019 година легитимно се наметнува прашањето дали се остварени сонот и идеалите од референдумот на 8 септември 1991 година и дали надежите се реализираат во вистинска насока. На овие дилеми за Денот на независноста, свое видување за „Нова Македонија“ изнесуваат сегашни активни политички чинители, но и актери на настаните од 1991 година

По 28 години независност, македонската влада ги кани граѓаните на прослава на 8 Септември и одбележување на денот кога во 1991 година на референдум беше одлучено Македонија својата иднина да ја гради самостојно и суверено, напуштајќи ја дотогашната федерација. Но првпат, во оваа 2019 година, во поканата за прослава на независноста забележително се избегнува да се спомене името на државата (Македонија), која ја одбележува својата независност. Ова е истовремено и прва година кога независноста на државата се прославува со сменето уставно име (и Устав), кое сега претставува композитна кованица од географска одредница „северна“ и историскиот назив Македонија. Во бурната година меѓу двете годишнини на независност, во Македонија се спроведе особено контроверзен политички процес на имплементација на Преспанскиот договор со Грција (кој во голема мера го става под сомневање македонскиот национален идентитет), а сѐ повеќе се покажуваат и стапиците од асиметричноста на договорот за добрососедство со Бугарија… Кога на овие билатерални меѓународни договори, кои ја ставаат во „идентитетска криза“ суштината на македонизмот, ќе се додадат и „капиталните“ политичко-судски-криминални афери…, легитимно се наметнува дилемата дали значењето и симболиката на 8 Септември и понатаму се исти за Македонија како тогаш, во 1991 година.

Дилемата уште повеќе се засилува со фактот што минатата година на 30 септември беше одржан уште еден референдум, со кој требаше да се прифати Преспанскиот договор, под плаштот на аргументот за побрз прием во НАТО и ЕУ, но всушност за додавање на географската одредница на името Македонија, што во голема мера направи рестрикција на суверенитетот на државата. Минатогодишниот референдум беше неуспешен (не беше постигнат цензус), што на некој начин само ја потврди одлуката за независност на оној референдум од 8 септември 1991 година, но, сепак, не ги спречи процесите на уставни корекции и промена на името на државата, а имплементацијата на прифатените отстапки со договорите од македонска страна сѐ уште не е завршена. Сите овие процеси во изминатата година создадоа амбиент на општествена поделеност и доволно аргументи за појава на сомнеж дали Македонија е истата државна творба за која беше референдумски одлучено на 8 септември 1991 година да гради своја меѓународна позиција на глобалната политичка сцена. Во оваа 2019 година, на 8 септември легитимно се наметнува и прашањето дали сега надежите се реализираат во вистинска насока. На овие дилеми за Денот на независноста, свое видување за „Нова Македонија“ изнесуваат сегашни активни политички чинители, но и актери на настаните од 1991 година.


Денко Малески, прв министер за надворешни работи на независна Македонија

Испуштивме подобри шанси и околности

Со статусот за кој се изборивме по одлуката за независност во 1991 година, (пред сѐ меѓународно независно функционирање како држава), покрај привилегијата да бидеме третирани како рамноправна членка на меѓународната заедница, значеше и соочување со предизвикот за носење тешки одлуки, преку кои новодојдените држави на меѓународната сцена се приспособуваат на реалноста. За овие 28 години, барем толку научивме дека светот нема да се приспособи на нас, туку ние сме тие што треба да си го најдеме своето место во него. Со Преспанскиот договор направивме тежок компромис, но ако тоа е патот за просперитет и опстанок на Македонија, овој компромис треба да биде сфатен како континуитет, а не како прекин на државноста. Жалам што во овие 28 години независност испуштивме подобри околности и шанси и не направивме подобар политички компромис. Сепак, во периодот од 1991 до денес, во Македонија многу се променивме, пред сѐ се демократизиравме како држава. Промените што ги направивме во Уставот и законската регулатива во однос на заедниците, треба да значат залог за нивна лојалност спрема македонската држава, пред сѐ на албанската заедница. На меѓународен план може да се смета дека ја заокруживме нашата државност, зашто иако во 1993 година (две години по референдумот за независност), со приемот во Обединетите нации беше меѓународно признаена државноста на Македонија, сепак таа не беше сосема прифатена од меѓународната заедница, поради спорот со Грција. Предизвиците на независноста и тешките одлуки се неминовни за една држава што се позиционира во меѓународната заедница.


Солза Грчева, лидерка на Глас за Македонија

Горчина за Денот на независноста

Би сакала само празнично да го доживувам годинешново одбележување на Денот на независноста, кој несомнено е израз на деценискиот, па и вековен стремеж на македонскиот народ за сопствена држава. Но, за жал, за голем дел од македонскиот народ, значењето на 8 септември е девалвирано, по промената на Уставот и промената на уставното име на државата Македонија. Разочараноста е голема, зашто тоа е сторено спротивно на изразената волја на народот на минатогодишниот референдум и, секако, спротивно на одлуката од референдумот од 1991 година. Денес, поради прифатените штетни меѓународни договори, не можеме да зборуваме дека Македонија е стопроцентно суверена држава. Зашто на суверена држава никој друг не ѝ ја пишува историјата, а ние со договорите со Грција и Бугарија се согласивме политички формирани комисии да ни ја пишуваат и редуцираат историјата. Годинешново одбележување на Денот на независноста потсетува на горчина, зашто веројатно сме единствениот народ што се откажал од своите стекнати права. Сето тоа дава една болна димензија на празнувањето, но и сознанието дека поради корупциски скандали нема да ни дозволат да напредуваме во меѓународните интеграции (во ЕУ, па и НАТО), а ние дадовме нешто што не смеевме да дадеме.


Стојан Андов, прв претседател на Собранието на Македонија

Жилава е оваа држава

Денот на независноста, т.е. одбележувањето на 8 Септември, денот кога се одржа референдумот за независност, е несомнено голем настан, еден од најголемите во македонската историја, кој ги отвори вратите за градењето на државноста. Немам дилеми во значењето и симболиката на овој празник, и по промените и меѓународно-политичките компромиси што беа направени во текот на изминатата година, зашто државата е иста. Факт е дека предолго трае конституирањето на целосната државност за Македонија да има нормален развој. Потребно ни е да се воспостави еден стабилен развој и да немаме изненадувања во очекувањата. Во тој контекст на потреба за стабилен развој, добро е што побрзо да бидеме примени во НАТО, а добро ќе биде и побрзо да добиеме датум за почеток на преговори со ЕУ. Од 1993 година, од приемот на земјава во ОН, имаме и развој и позитивни промени во државата, но, за жал, и континуитет во криминализација на општеството, што создава навистина големи опструкции во градењето стабилна држава. За овие 28 години независност, се чини дека принципот на политичко договарање преку своевидно пазарење се воспостави на ниво на менталитет, но ако сакаме да влеземе и рамноправно да функционираме во ЕУ, ќе мора политичарите да ѝ го сменат менталитетот. Сепак, тој пресврт, направен на 8 септември 1991 година, останува во нашата историја и покрај сите предизвици со кои се соочуваме во изминативе 28 години, верувам дека оваа држава е жилава и ќе опстане.