Клучот на здравата исхрана е во балансот

331

Свеста за поздрав начин на живот во најголем број случаи расте дури откако ќе се дијагностицира болест

Покачен крвен притисок, зголемено присуство на шеќер во крвта, покачени триглицериди и холестерол, срцеви аритмии и прескоци… Ова се само некои од состојбите што ги тераат луѓето да променат некои навики во секојдневното функционирање, вклучувајќи ја и исхраната. Свеста за поздрав начин на живот во најголем број случаи расте дури откако ќе се дијагностицира болест, а додека се стигне до тоа, за жал, лошиот избор на храна е секојдневие.

Пред неколку години, на Технолошко-техничкиот факултет во Велес, Македонија ја произведе првата дипломирана генерација нутриционисти. Цветанка Петрова е една од нив, а во моментов е на магистерски студии по диететика во Словенија. Таа веќе работи со лица што имаат зголемена телесна тежина, прави детоксикации, програми за конкретни болести, бременост, но и подготвува програми за исхрана за посебни состојби.

– Концептот на правилна исхрана, верувам дека на сите ни е добро познат, а клучот, како и во сите други сфери на животот, е всушност во балансот. Правилната исхрана е релативна работа и се разликува од индивидуа до индивидуа. Сепак основните препораки за внес на нутриенти се универзални и треба да се практикуваат во секојдневното планирање на оброците – вели Петрова.

Според нејзините насоки, треба да се избираат намирници што се од локалното поднебје и по можност домашно произведени.

– Има и такви намирници, како што се цитрусните овошја, авокадото, бананата, ананасот, чиа-семките, кои не растат на нашето поднебје, а сепак се нутритивно богати и дефинитивно треба да бидат дел од исхраната. Но, препорачувам барем 70 отсто од исхраната, да е од локално поднебје. Важно е и храната да е сезонска. Онаа што ја има во изобилство во одреден период. Раната есен е најбогатиот период и изобилува со разновидни овошја и зеленчуци. Имајќи предвид дека на човечкиот организам му се потребни нутриенти од сите групи, и макронутриенти (протеини, масти, јаглехидрати) и микронутриенти (витамини, минерали, олигоелементи), здравата исхрана би била онаа што на дневна база би ги вклучувала препорачаните дози од сите овие нутриенти – вели Петрова.

Според неа, во еден оброк треба да се внимава на соодносот 50 отсто/30 отсто/20 отсто. Тоа значи дека во еден оброк, како и во вкупниот внес на храна, 50 отсто отпаѓа на јаглехидратите, 30 отсто на мастите и 20 отсто на протеините. Притоа, треба да се внимава да се троши онолку колку што се внесува.

– Ако се почитува овој принцип, не може да дојде до вишок на енергија и натрупување во облик на масно ткиво. Инаку, освен процентуалната застапеност во вкупниот дневен внес, внимавајте и на квалитетот на макронутриентите. Здрави јаглехидрати се интегрални печива и тестенини, житарки, скробни зеленчуци, овошје. Здрави масти се ладно цедените масла, јаткасти плодови, путер, риба, млечни масти, а здрави протеини се печурките, легуминозите, рибата, посното месо – појаснува Петрова.

Таа истакнува дека не треба да се чека некоја дијагноза за да се промени начинот на исхрана, бидејќи тоа не е цената што треба да се плати за да се издигне свеста.

– Едуцираноста е пресудна за премин кон здрава исхрана. Знаејќи ги составот и начинот за приготвување одредена храна, како и нејзиното влијание врз здравјето, верувам дека секој би донел правилна одлука дали да ја консумира или не. Нутриционизмот е неопходна наука во 21 век. Потребни се едукација и воведување здрави навики уште од најмала возраст, практични совети, национални програми, колективна промена – додава таа.