Клиниката за детски болести го одбележа Светскиот ден на предвреме родените деца

110

Клиниката за детски болести и Одделот за интензивна нега и терапија е единствениот медицински центар во Македонија каде што препраќаат и згрижуваат предвремено родени бебиња и бебиња со екстремно ниска родилна тежина од сите родилишта во нашата држава. Како референтен центар во изминативе две години Одделот има згрижено и лекувано околу 170 бебиња родени под 31-та гестациска недела од бременоста.

Како што информира Клиниката за детски болести, во 2017 година на Одделот за интензивна нега и терапија примени се 87 предвреме родени новороденчиња. Од нив, 33 се деца родени под 28 гестациска недела и 22 биле со екстремно ниска родилна тежина под 1.000 грама.

Во 2018 година, од јануари до ноември, на Одделот за интензивна нега и терапија примени се 66 предвреме родени бебиња од кои 28 биле родени под 28 гестациска недела и 21 со тежина под 1.000 грама. Вкупно 57 деца се испишани од Одделот во добра состојба.

Најмалото бебе во килограми кое било примено изминативе две години на Одделот и било испишано во добра состојба имало само 480 грама. Од примените предвреме родени бебиња, со најмала гестациска возраст е бебе родено во 24/25 недела од бременоста кое тежело само 690 грама.

– На Одделот за Инензивна нега и терапија во изминативе две години се применуваат низа нови методи во третманот на прематурните бебиња кои даваат значителни резултати кај оваа група на пациенти. Тоа се: Високофреквентаната механичка вентилација, оптифлоw, Лиса методата за апликација на сурфактант, „боди кулинг“ како метод за намалување на асфиксиите, апликација на умбиликални катетри и пиклајни, скрининг за слух, употреба на Неопаф, се вели во соопштението.

До крајот на годинава на Одделот за интензивна нега и терапија се очекува да биде инсталирани систем за централен мониторинг, како и да почне со мониторирање на централни венски и артриски притисоци.

– Сето ова, комбинацијата на новите апарати кои ги доби Одделот по реновирањето и усовршувањето на лекарите во новите методи, значително оди во прилог на подобрување на намалувањето на новороденечката смртност во услови кога се повеќе бебиња се раѓаат пред 32-та гестациска недела и со екстремно ниска родилна тежина, нешто што не беше пракса до пред пет години, стои во соопштението од Детската клиника.