Канцеларија за дијаспора отворена во Македонска Каменица

137

Македонија ја доби втората канцеларија за дијаспора. После Штип, денес и Македонска Каменица доби простор кој ќе им стои на располагање на сите иселеници од овој крај кои ќе сакаат да ги пренесат сите идеи и да се информираат за поволностите кои им ги нуди општината за инвестирање или некоја друга соработка.

Оваа канцеларија е сместена во оштинската зграда и ќе биде отворена секој работен ден од 8 до 16 часот. За неа ќе биде задолжено едно лице ангажирано од општината.

Според градоначалничката на општина Македонска Каменица, Соња Стаменковска ова е прв чекор кој локалната самоуправа го прави за продлабочување на соработката со дијаспората.

– Многу од нашите сограѓани својата егзистенција ја побараа во странство, затоа наша обврска и желба е да ја подигнеме комуникацијата со нив на повисоко ниво. Со оваа канцеларија иселениците ќе добијат достоен партнер за продлабочување на соработката и за сите иницијативи кои ќе ги имаат – рече Стаменковска, додавајќи дека општината на располагање ја има индустриската зона чии парцели стојат на располагање во секое време.

На отворањето присутен беше и министерот за иселеништво Едмонд Адеми кој истакна дека ова е голема институционална поддршка која Каменица ја воспоставуваа со дијаспората и која треба да вроди со плод.

– Владата на РМ донесе закон со кој ги поддржува домашните и странските инвестиции, а посебен член од законот е наменет токму за инвестиции од дијаспората се со вел да ги мотивираме уште повеќе да дојдат и да инвестираат во своите родни места – истакна Адеми и додаде дека вакви канцеларии ќе бидат отворени уште во неколку општини низ Македонија.

Според податоците од Владата на РМ, Македонската дијаспора брои околу 460.000 иселеници, од нив 2.000 се од Македонска Каменица.