Камбовски: Треба да се вклучи листа на задолжителни предмети

112

Академик Владо Камбовски на денешната дебата за реформата на основното образование ја поздрави идејата за вклучување на МАНУ во расправата, како највисока научна и уметничка институција чија задача е токму да го развива образованието и науката.

Тој нагласи дека средиште на концепцијата е курикуларната реформа, односно реформата на наставниот план, после која треба да следат и наставни програми.

– Во рамките на оние осум подрачја што ги одредува овој материјал како темелни вредности или цели на системот на образованието, треба да се вклучи една листа на задолжителни предмети, меѓу кои треба да се најдат и историја и физика и хемија, оние кои сега се во тој материјал групирани како модули на некој заеднички предмет, општествени или природни науки – рече академик Камбовски.

Тој укажа дека академиците имаат конкретни сугестии за подобрување на концептот.

– Очекуваме по усвојувањето на овој концепт да бидат преземени и следните чекори: да биде подготвен наставниот план за основно образование, следен чекор е подготовка на наставни програми за секоја година на деветолетката и националните образовни стандарди преку кои ќе се мерат исходите на образованието, стекнатите компетенции и оценувањето на учениците, за да може да се подигне квалитетот на основното образование, кој сега и преку меѓународни мерења се оценува како исклучително низок – нагласи Камбовски.

Тој ја поздрави дебатата околу образовната реформа и нагласи дека досега немало вакви дискусии, а се случувале значајни промени.

– Нормално е да се појават различни гледишта околу подготвениот материјал, но заживеа расправата за овој најважен елемент на општествените реформи, а тоа е системот на образование, овој пат основното образование, но очекуваме дека тие расправи ќе продолжат и во однос на другите степени, предучилишното, средното и конечно реализација на реформата во високото образование – посочи академикот.