Како се пишувале писма пред 400 години?

350

МАКЕДОНСКА ИСТОРИЈА НА ПРЕПИСКИТЕ

Пишува: Блаже Миневски

Во Македонија постојат повеќе зачувани писмовници од 16 до 19 век, кои всушност биле специјални прирачници во кои било објаснето како треба да изгледа секое писмо, во зависност од тоа кому му се испраќа. Притоа во обрасците се сугерирало пишувачот да напише дека е Македонец!

Македонците пред четири века имале специјални прирачници во кои со образец било објаснето како треба да изгледа секое писмо во зависност од тоа кому му се испраќа. Според овие прирачници, или писмовници, секој можел да види како се пишува писмо до пријател, кнез, принц, крал, монах, трговец итн. Во Македонија постојат повеќе вакви зачувани писмовници од 16 до 19 век, кои даваат пресек на историскиот развој и значењето на комуникацијата воопшто. Слепченскиот писмовник од 16 век, напишан во истоимениот манастир во Демирхисарско, кој денес се чува во Државната библиотека во Москва, содржи 17 обрасци за пишување писма до црковни и световни лица, меѓу кои и до султанот Сулејман Величествениот. Според образецот објавен во писмовникот, секој што ќе посакал да му напише писмо на Сулејман морал да го титулира како „цар на Македонија, Бугарија, Србија и други земји“ што за нас е многу важен факт, особено поради квислиншкиот проект за негирање на македонското име и идентитетот. Во таа насока, секако, е интересен и писмовникот на Христе Хаџи Константинович, „учител од град Прилеп, Македонија“. Во овој македонски писмовник се застапени 31 образец за пишување писма до црковни и световни лица, а во него јасно се кажува дека Христе е „учител од град Прилеп, Македонија“ и дека „писмовникот го напишал во 1824 година“. Овој писмовник денес се чува во архивот на МАНУ во Скопје. Во писмовникот, пак, на Арсенија Поп Стефанович од Лазарополе, напишан во 1844 година, се застапени 30 обрасци за пишување писма до разни црковни и световни лица. Овој писмовник денес се чува во НУБ „Св. Климент Охридски“ во Скопје. Писмовникот на игуменот Леонтиј Хиландарски од 1804 година има пет обрасци за пишување писма, потекнува од Селце, Прилепско, а денес се чува во Богословскиот факултет во Скопје.

Најзначаен наш писмовник е Слепченскиот од 1543 година!

Според д-р Михајло Георгиевски, кој ги има расчитано и обработено со современа македонска азбука, во оригинална јазична форма сите спомнати ракописи, а истовремено ги има истражено и главните карактеристики на епистоларната литература, нејзиниот историски развој и место во македонската културна и национална историја, писмовниците имаат повеќекратно значење како книжевни културно-историски споменици, но и како огледало за културно-просветното ниво на нашиот човек во минатото. Писмовниците се напишани на црковнословенски и на македонски народен јазик, а во нив испраќачот на почетокот со покорни зборови и „метании“ испраќа стилски богати и богоугодни поздрави. Во средината на писмата се наоѓа главниот дел во кој се прикажуваат содржината на писмото и потребата да се обрати до соодветната личност. На крајот на писмото се споменуваат желбите за здравје, благосостојба и голема благодарност за она што е барано до оној до кого е упатено писмото. Всушност, од писмовниците се гледаат степенот на културното однесување во одредено време и средина, како и богатството на стилот и јазикот што се употребувале во меѓусебна пишана комуникација на луѓето што живееле на овие простори.

Секако, интересен е писмовникот на Христе Хаџи Константинович, „учител од град Прилеп, Македонија“. Во овој македонски писмовник се застапени 31 образец за пишување писма до црковни и световни лица, а во него јасно се кажува дека Христе е „учител од град Прилеп, Македонија“ и дека „писмовникот го напишал во 1824 година“. Овој писмовник денес се чува во архивот на МАНУ во Скопје

– Писмовниците се еден вид културен барометар и затоа претставуваат драгоцени документи за секоја национална култура. Засега како најстар и најзначаен македонски писмовник се смета Слепченскиот писмовник од средината на 16 век, поточно од 1543 година. Се мисли дека него го има составено Висарион Деварски, истакнат македонски книжевник од слепченскиот манастир „Св. Јован Продром“. Во него се застапени обрасци за писма до црковни и световни великодостојници – епископи, игумени, монаси и монахињи, духовници, цркви и манастири, свештеници, кнезови, султани и други господари. Значајно е тоа што во него се среќаваат и писма упатени до конкретни историски личности како, на пример, „кратовскиот кнез Димитар“, потоа „монахот Филип“ и други. Писмото до монахот Филип е составено од приврзаник на исихазмот што упатува на помислата дека предлошката за овој писмовник била напишана на Света Гора во текот на 14 век кога исихазмот таму зел широк замав. Во контекст на образецот, писмата што биле пишувани до „кратовскиот кнез Димитар“ главно се однесуваат за материјална помош и благодарност за великодушноста. Мошне интересен е концептот за писма што требало да се упатуваат до султанот, од кој и да е крај на неговата империја.

Сулејман Величествениот

Ваквите писма секогаш требало да почнуваат со зборовите: „До големиот емир, султанот Сулејман Хан Величествени, цар на царевите, господар на господарите и цар на сите земји романски и македонски, бугарски, српски и беломорски, и црноморски и анадолски и мисирски и цар вселенски…“, а потоа се додавало кој го пишува писмото, со име и презиме, поданик на „вашето големо царство“, за на крајот, веднаш по текстот на барањето или молбата, писмото да заврши со „Бог да ги умножи годините на Вашето царување, амин“. Овој значаен македонски писмовник од 16 век, со јазични црти од македонските народни говори, содржи 15 листа, исполнети со концепти за пишување писма со вкупно 20 единици. Писмовникот е напишан во манастирот Слепче, Демирхисарско, од каде што при своето патување по Македонија го зел рускиот, односно украински славист Виктор Григорович и го однел во Русија каде што и денес се чува во Државната библиотека во Москва, во збирката на Григорович, под бројот 1734 – вели д-р Георгиевски.

Во обрасците се сугерира пишувачот да напише дека е Македонец!

Познатиот славист Виктор Иванович Григорович при своето „истражувачко“ патување по Македонија во пролетта 1845 година, за да собира „материјали пишани со старото писмо на Македонците“, како што вели Димитрија Миладинов во писмото до Григорович, пишувано во Охрид на 25 февруари 1845 година, успеал да го најде и однесе само Слепченскиот писмовник. Дали го откупил или го добил како подарок, нема податоци. Во Македонија, до ден-денес, останале само три писмовници од времето кога Григорович, и други како него, шетале по селата, градовите и манастирите и „собирале материјали пишани со старото писмо на Македонците“. Станува збор за писмовници од првата половина на 19 век, создадени во неколку македонски града: писмовникот, односно „книга посланија“, како што пишува во неа, на „Христе Хаџи Константинович, учител прилепски од град Прилеп, Македонија“, од 1824 година, потоа писмовникот на Арсениј, син поп Стефанович, од 1844 год, и писмовникот на игуменот Леонтиј Хиландарски. Писмовникот на Христе Хаџи Константинович, учител прилепски, е најобемен, а истовремено и најзначаен, заедно со Слепченскиот писмовник од 16 век, се разбира, меѓу другото и поради податоците што ги оставил составувачот. Во ракописот на Христе Хаџи Константинович од Прилеп има запис во кој се вели: „Сија книга глаголемаја посланиа писа Христе Хаџи Констатинович учител прилепски иже од града Прилепе македоннстем, 1824 год. Февруариј“.
Освен ова на последниот лист, во друг запис се вели дека „Сија книга глаголемаја посланија от Илија Димов (Илија Димов е прецртан во поново време и е напишано) Христета син бакал писана у град Прилепе, Македонстем, 1824, месеца марта, ден седми“. Според д-р Михајло Георгиевски, од записите се гледа дека овој писмовник своерачно го има напишано Христе Хаџи Константинович, учител прилепски, во градот Прилеп, Македонија, во 1824 година. Ракописот е најден во Прилеп, а сега се чува во МАНУ под бр. Мс 2. Писмовникот на Арсениј поп Стефанович, пак, потекнува од 1844 година и содржи 69 листа, но последните тринаесет листа не се испишани, односно Арсениј не стигнал да ги пополни со нови обрасци за писма. Писмото е полууставно, иако на крајот на ракописот се ближи кон брзопис. Јазикот е црковнословенски, но од 49-от до 53-от лист обрасците се напишани на македонски народен јазик од западното македонско наречје. Според јазикот, но и според стилот што е користен во составувањето на обрасците, македонските писмовници фрлаат значајна светлина врз културното и економското живеење во Македонија во 16 и во 19 век, но исто така, претставуваат и своевиден образец за нивото на пишаната, писмовната кореспонденција и капацитетот на македонскиот јазик.