Како да се фати чекор со глобалниот тренд на вооружување?

130
Фото: Игор Бансколиев

Додека државниот врв декларативно е со неподелено мислење дека буџетот на АРМ треба да биде зголемен во согласност со стандардите на воената структура кон која тежнее земјава, во расчекор помеѓу можностите и желбите, се прават анализи за тоа колкава и на каков начин опремена армија ѝ е потребна на Македонија

Нестабилната безбедносна клима ги принудува државите да трошат сѐ повеќе пари за вооружување и модернизирање на своите армии, беше еден од заклучоците во годишниот извештај на Стокхолмскиот меѓународен институт за проучување на мирот (СИПРИ), според кој, глобалните воени трошоци го достигнале рекордното ниво во последните 30 години. Имено, институтот пресметал дека во светот, во 2018 година, за воени потреби биле издвоени 1,8 милијарда долари, што е за 2,7 отсто повеќе во споредба со претходната година.

Според СИПРИ, петте водечки држави на листата се САД, Кина, Саудиска Арабија, Индија и Франција. Тие издвоиле 60 проценти од вкупните пари потрошени во светот за воени потреби. Најголем пораст на воениот буџет е забележан во Турција, која во 2018 година во армијата вложила 24 отсто повеќе отколку претходната година.
Институтот, меѓу другото, заклучува дека високо темпо на раст на воениот буџет се бележи и во некои земји од Централна и од Источна Европа.
– Растот на воените расходи во Централна и во Источна Европа во голема мера е поврзан со сѐ поприсутната претстава за заканата од Русија – пишува во публикацијата на Питер Веземан, виш научен соработник на Програмата за вооружување и воени расходи на СИПРИ.

Во целиот тој контекст и во моменти кога нашата земја ги изодува последните чекори до најавеното членство во НАТО, сѐ уште е отворено прашањето на кој начин и во колкава мера ќе се спроведе неопходното модернизирање на војската, кое, пак, најмногу зависи од финансиите со кои располага државата. Иако тие се скромни, државниот врв е со неподелено мислење дека буџетот на АРМ треба да биде зголемен во согласност со стандардите на воената структура кон која тежнее земјава. И додека, во расчекор помеѓу можностите и желбите, се прават анализи за тоа колкава и на каков начин опремена армија ѝ е потребна на Македонија, за потсетување е изјавата на новоизбраниот претседател Стево Пендаровски, кој во својата изборна кампања, меѓу другото, истакна дека модернизацијата на армијата и обезбедувањето европски услови за македонските војници, ќе биде врвен приоритет на неговиот мандат како иден врховен командант. Тој вети дека негова цел ќе биде континуирано зголемување на буџетот на армијата и обезбедување НАТО-стандарди и посочи дека веќе се започнати процесите на модернизација и, како што рече, во соработка со Министерството за одбрана, тој само ќе ги поддржи и забрза.

И универзитетскиот професор Атанас Козарев смета дека нашата земја, сакала или не, сепак мора да го следи трендот на светот и да ја вооружи војската.
Според него, приоритет при модернизација и набавка на оружје треба да им се даде на оклопните транспортери и на пешадиските борбени возила, тактички комуникациски систем, воздухопловни летала од различен вид и на модерна опрема за сајбер-одбрана.
Инаку, во однос плановите за модернизација на војската, постојат редица државни документи. Владата лани ја објави програмата за планирање на опремувањето и модернизацијата на Армијата на Република Македонија во предлог-буџетот на Министерството за одбрана за период 2019-2021. Според тоа, приоритет во опремувањето и модернизацијата имаат декларираните сили за НАТО односно механизираниот и пешадискиот баталјон со кој Македонија ќе придонесува во НАТО-базенот на сили.

Тука се и развојниот концепт на Министерството за одбрана, кој носи наслов „Идни вооружени сили 2028“ (ИВС), „Стратегискиот одбранбен преглед“ (СОП), кој се публикува и надградува секоја година, „Стратегијата за национална безбедност за интеграција во евроатлантските структури “ и „Долгорочниот план за развој 2019-2028“ (ДПР). Натаму, освен домашните стратегии, нашата држава процесот за модернизација на армијата го дефинира и со користење неколку меѓународни документи за оваа намена, како што се програмата на „Партнерството за мир“ (ПзМ), „Процесот за планирање и преглед на силите“ (ПАРП), „Акцискиот план за членство во НАТО“ (МАП) и „Европската безбедносна и одбранбена политика“ (ЕБОП).

[email protected]