Каде што се зборува за загадениот воздух, таму е и Македонија

294
Фото: Игор Бансколиев

Тетово ја претставува најзагадената урбана средина во Европа, а Скопје е наведен како втор најзагаден град на Стариот континент, земајќи го предвид квалитетот на воздухот, со што Македонија, каде што нивото на ПМ10 честички е над дозволеното во повеќе градови, се смета за една од најзагадените европски нации, пренесува телевизијата Јуроњуз. 

Згора, Скопје денеска е меѓу трите најзагадени светски градови, според листата на интернет-страницата „ервижуал“. А главниот град има највисока концентрација на штетни честички ПМ2.5 честички во воздухот во Европа, како што објави Јуроњуз. 

Балканските држави односно Источна Европа, се посочени како најзагадениот регион на Стариот континент според Светската здравствена организација (СЗО), за што придонесуваат рударството и застарените возила.

БиХ е застапена на листите на најзагадени градови преку Тузла, додека Бугарија, Романија и Албанија имаа по неколку претставници во рангирањето на 30-те најзагадени урбани средини во Европа.

Во Полска, пак, се смета дека загадувањето придонесува за околу 50 илјади смртни случаи годишно. Очекувањата за животниот век во Источна Европа се пониски во однос на Западот. Според истражувањето на „Статиста“, очекуваниот животен век за мажите во Источна Европа изнесува 69 години, што е за 10 години помалку во однос на мажите од Западна Европа. Кај жените на Истокот очекуваниот животен век изнесува 78 години во просек, наспроти просекот на Западот од 84 години.