Каде е вината за професионалната деградација на наставниците и професорите

426
Фото: Дарко Андоновски

Вината за ваквите состојби може да се бара на повеќе страни, од домашното воспитување на децата, мешањето на политиката, до несериозниот однос на одделни професори и наставници, кои понекогаш премногу се опуштаат на социјалните мрежи и објавуваат фотографии и статуси несоодветни за нивната професија,
па со тоа оставаат простор и децата да ги сфаќаат несериозно

Учениците сè помалку го почитуваат авторитетот на своите наставници и професори што, од друга страна, ја доведува под прашалник воспитната компонента, која токму тие професори треба да ја пренесат врз младите генерации.
Токму неодамнешната тепачка меѓу ученици во струшкото училиште „Нико Нестор“, кога при обид да ги раздвои учениците била нападната и професорка, е добра илустрација за тоа колку учениците денес ги почитуваат своите наставници, поточно, колку наставниците уживаат авторитет кај учениците.
Вината за ваквите состојби може да се бара на повеќе страни, од домашното воспитување на децата, мешањето на политиката, до несериозниот однос на одделни професори и наставници, кои понекогаш премногу се опуштаат на социјалните мрежи и објавуваат фотографии и статуси несоодветни за нивната професија и со тоа оставаат простор и децата да ги сфаќаат несериозно.

Покрај тоа, мешањето на политиката во образованието дополнително придонесува училиштата преку партиски директиви да се полнат со недоволно стручен кадар, кој нема капацитет да го подигне воспитниот процес во основното и во средното образование на потребното ниво.
Токму во овие елементи можеби треба да се бара причината за губењето на воспитната компонента од страна на наставниците и професорите, но и губењето на нивниот авторитет кај децата.
– Односот што денес го имаат учениците со дел од своите наставници ми е навистина неразбирлив. Во времето кога јас учев наставниците и професорите беа авторитети каде и да се појавеа. Сите ги ценеа – вели Јоцо Николовски од Скопје.

Тој додава дека во негово време наставниците имале огромен авторитет, така што и родителите кога доаѓале да прашаат за успехот на своето дете се однесувале со почит.
– Сега не е така. Некои родители се однесуваат со наставниците како да се први другари, тоа го гледа нивното дете и потоа мисли дека и тоа може да се однесува послободно со својот наставник. Дополнителен проблем е што и наставниците и професорите сега повеќе се на удар доколку преземат некаква поригорозна казна за непослушните ученици, па често избегнуваат да го прават тоа за да не биде поведена некаква дисциплинска постапка против нив. Кога тие се пасивни, децата уште повеќе збеснуваат и мислат дека можат да прават што сакаат – нагласува Николовски.
За дел од социолозите проблемот со губењето на воспитната компонента и авторитетот кај некои професори и наставници е резултат на долгогодишните лоши образовни политики, особено во високото образование.

– Образованието во Македонија е еден вид затворен круг. На факултетите произведуваме кадар што, чест на исклучоци, во голема мера не е доволно образован, тој ист кадар оди да предава во основните и во средните училишта и на факултетите повторно се испраќаат недоволно образовани ученици. Токму на Филозофскиот факултет, каде што се образоваат педагози и психолози, нема елементарна култура за воспитување. Како ќе воспитуваат и ќе уживаат авторитет тие луѓе утре во образованието – вели професорот и социолог Илија Ацевски.

Според него, кога овие работи се случуваат на најстариот факултет, Филозофскиот, тоа говори до која мера е пропаднато општеството.
– Има наставници за кои е нормално да се тепаат децата. Тие сметаат дека кога нема што друго да прават, децата ќе се тепаат. Тоа е страшно да го каже некој што треба да ги воспитува децата. Па кој ученик утре него ќе го смета за некаков авторитет – категоричен е Ацевски.

Сите овие работи наведуваат на еден заклучок, дека како и за многу други работи во државата, потребен е систем. Функционален систем во образованието, каде што стручноста и квалитетот ќе бидат основни критериуми, ќе придонесе за создавање нормален образовен процес во кој училиштата ќе се доживуваат како храмови на науката, а наставниците и професорите повторно ќе станат оние што ќе продуцираат културни и образовани генерации. Тоа недостига сега.