И законот изгоре заедно со отпадот

450
Доволно ли е да се избрише одредбата со која се дозволува увоз на отпад што се користи како извор на енергија? - Фото: Игор Бансколиев

Според предлагачите на измените на Законот за управување со отпад, се брише точката со која се дозволува увоз на отпад што се користи како извор на енергија. Еколошките организации сметаат дека тивката опструкција направена во Собранието е за да се заштитат нечии бизниси

Последното одложување на собраниската расправа за измените на Законот за управување со отпад, додека Балканот го тресат скандали со трговија со отпад, кој се користи како енергент во индустријата, дополнително ги засили сомнежите дека не само што некој тука профитира од овој бизнис туку и дека во тоа се инволвирани и властите.
Со оглед на фактот дека Собранието, поради предвремените парламентарни избори, треба да се распушти на 12 февруари, не се исклучува можноста овие измени да ги гласа друг собраниски состав по изборите, иако предлагачите, група пратеници, очекуваат тоа да го направи овој пратенички состав.

Предлог-законот за изменување на Законот за управување со отпад по скратена постапка е ставен на дневен ред на 130-та седница во Собранието, но повторно не е извесно дали ќе се гласа за него.

– И според актуелниот закон за управување со отпад, во кој се имплементирани европските препораки, се дозволува увоз на отпад, но проблем е што кај нас нема ефикасен систем за да се контролира увозот на отпад, како и да се врши контрола на капацитетите каде што се согорува тој – вели пратеничката Маја Морачанин, која е еден од предлагачите на измените на законот.

Според неа, дополнителен проблем е непостоењето на државна акредитирана лабораторија, која би проверувала каков отпад се увезува.
– Кога би постоела ваква акредитирана лабораторија, тогаш и резултатите што би се добиле од контролите би биле порелевантни и граѓаните би имале поголема доверба. Значи потребен е ефикасен систем – нагласува Морачанин.

Таа уште додава и дека во борбата со загадувањето е потребно да се работи истовремено на сите полиња, доколку се сака да се постигнат видливи резултати.
Инаку, според предлагачите на измените на Законот за управување со отпад, се брише одредбата со која се дозволува увоз на отпад што се користи како извор на енергија.
– Со предложените законски решенија, во предлог-законот за изменување на Законот за управување со отпад ќе се постигне поголема заштита на животната средина и, пред сè, на здравјето на луѓето и ќе се укине можноста за увоз на отпад, кој со одредбата од постојниот закон се користи како извор на енергија – се вели во образложението на предлог-законот.

Еколошките организации сметаат дека тивката опструкција направена во Собранието е да се заштитат нечии бизниси.
– Секому при здрава свест му е јасно дека планираните чекори во тајните собраниски ходници се само пиар-алатка, со која партиите пред граѓаните и во јавноста, покажуваат наводна загриженост и подготвеност за усвојување поостри мерки за контрола на опасниот отпад и за намалување на загадувањето, а во суштина ќе направат сè за овој закон да не го види светлото на денот, а тие никогаш да не мора да се изјаснат за менувањето на трасата на милионските суми, кои ги контролира екомафијата, регионална и локална – велат од невладината „О2 иницијатива“.
Според нив, пратениците само глумат некаква соработка со граѓанските организации во пресрет на изборите во април.

Неодамна Бугарија беше потресена од скандал со увоз на опасен отпад, поради што оставка поднесе министерот за животна средина Нено Димов. Медиумите во регионот во неколку наврати пишуваа дека токму низ земјите од Балканот е раширена криминална мрежа, која се занимава со трговија со опасен отпад.


Макрадули: Повеќе извезуваме, отколку што увезуваме отпад

Државата повеќе извезува отколку што увезува отпад, а количествата сега се драстично намалени, изјави заменик-министерот за животна средина Јани Макрадули.
Според него, најмногу отпад во земјава бил увезен во периодот 2012-2014 и 2015- 2016 година.

– За ограничување на увозот мора да се направат консултации бидејќи земјата е потписник на Базелската конвенција и не може да излезе надвор од европските стандарди – нагласува Макрадули.