ИЈЗ: 121 заболен од морбили, се стравува дека епидемијата зема замав

147

Од 13 април до денеска во државава се регистирани 121 заболен од мали сипаници (лабораториски потврдени или поврзани со епидемиолошка врска), што е за пет помалку споредено со неделата пред неа кога беа пријавени 126 случаи, се наведува во извештајот што на својата веб страница го објави Институтот за јавно здравје.

По спроведената засилена вакцинација, вакцинирани се 20.244 деца на возраст до 14 години, од нив 12.468 се вакцинирани во Скопје а во останатите градови се вакцинирани 7.776 деца до 14 годишна возраст. Сепак, остануваат уште 22.612 невакцинирани деца на возраст до 14 години, Потребно е особено да се засили вакцинацијата на предучилишните деца вон Скопје, каде од 19.494 невакцинирани, вакцинирани се само 5.129 деца.

На Клиниката за инфективни болести моментално има 45 пациенти, а едно дете е на интензивна нега и е поставено на механичка вентилација.

Од Институтот посочуваат дека имајќи го предвид сѐ уште големиот број на осетливо население кај децата до 14-годишна возраст, големиот број на градови каде се регистрирани случаи на мали сипаници и високата контагиозност на заболувањето, како и раздвиженоста на населението, постои голема веројатност за натамошно ширење на епидемијата во наредниот период и во други градови во кои досега немало регистрирано случај.

Од вкупниот број регистрирани, 79 случаи се од Скопје, а останатите 42 се од осум други градови во Македонија.

Од почетокот на епидемијата во декември 2018 година заклучно со денеска во државава се регистрирани 1.081 случај на мали сипаници со инциденца од 52,2 на 100.000 жители.

Регистрираниот број и инциденца од мали сипаници се највисоки споредено со последните 20 години. Поради исполнување на епидемиолошките критериуми, епидемија од мали сипаници е прогласена на цела територија на државата.

Заболени од мали сипаници се регистрирани во 21 град од нив 692 случаи се од Скопје, 103 од Куманово, 93 од Тетово, 50 од Струга, 30 од Кичево, 24 од Велес, 20 од Гостивар, 18 од Гевгелија, 17 од Дебар, а во останатите градови се регистрирани помалку од 10 случаи.

Највисока инциденца се регистрира во Скопје – 112 на 100.000 жители, а потоа следат Струга со 73,7 на 100.000 жители и Куманово 72,2 на 100.000 жители.

Возраста на заболените се движи од еден месец до 61 години. Најголем број на случаите се од возрасната група над 30 години – 463, но вкупната инциденца кај оваа возрасна група изнесува 36,4 на 100.000 жители. Пријавени се 184 деца на возраст под една година каде што се регистрира и највисоката инциденца од 787,2 на 100.000 жители. Децата на возраст една до четири години се регистрираат со 189 случаи и инциденца од 203,6 на 100.000 жители.

Според вакциналниот статус, 810 или 75 отсто од заболени лица се невакцинирани, некомплетно вакцинирани или со непознат вакцинален статус. Од невакцинираните лица, 184 (17 отсто) се на возраст под 12 месеци и не подлежат на вакцинација, согласно Календарот за имунизација.

Од вкупно 189 заболени деца на возраст од една до четири години, 150 или 89,5 отсто се невакцинирани или со непознат вакцинален статус.

Од пријавените случаи, 442 или 41 отсто биле хоспитализирани, а кај 188 (17,4 отсто) се регистрирани компликации. Од нив, најголем број компликации – 52 или 27,7 отсто биле кај деца на возраст под една година а 39 (20,7 отсто) кај деца на возраст од една до четири години, што укажува дека оваа возрасна група е најзасегната и подложна на компликации.

Во епидемијата на Скопје регистрирани се и три смртни случаи асоцирани со мали сипаници, кај деца на возраст од 5,5 до 13 месеци, сите невакцинирани со МРП вакцина. Кај две од децата постоел коморбидитет, а сите три деца се починати од бронхопневмонија како компликација на заболување со мали сипаници.

Во епидемијата со мали сипаници регистрирани се и 122 случаи кај здравствени работници/вработени во здравствени институции.

Вкупниот број на вакцинирани лица на возраст до 14 години со МРП вакцина од почетокот на епидемијата изнесува 19.461 од 23.395 подлежечки, а невакцинирани навремено.

Важат на сила мерките препорачани од Комисијата за заразни болести и наредбите од Министерството за здравство, стои во извештајот на Институтот за јавно здравје.