Има ли спас од возилата со диво вградени уреди за погон на гас

131
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Целиот процес за вградување уреди за погон на течен гас во возилата е синџир од опасности и ако само една алка попушти може да се случи хаварија, предупредуваат упатените, укажувајќи дека, сепак, голем број од граѓаните, заради заштеди, се впуштаат во таков ризик

Во само 12.000 или во 2,6 отсто од вкупниот број автомобили со бензински погон во земјава, според официјални податоци, се вградени уреди за погон на течен гас, иако реално оваа бројка е многу поголема бидејќи голем дел од граѓаните не ги атестираат уредите за да заштедат, истовремено загрозувајќи ја својата, но и безбедноста на преостанатите учесници во сообраќајот.
Летово во Скопје се запали возило во движење што имало уред за погон на течен гас, а во пожарот настрадал и мотоциклист што поминувал покрај автомобилот токму во моментот на хаваријата. Минатата година се запалија неколку автомобили и во Тетово, а од противпожарната служба рекоа дека причината, најчесто, се неисправни уред за погон на течен гас во возилата.

Цената на новите уреди се движи од 15.000 до 60.000 денари, во зависност од видот на возилото, а згора на тоа се плаќа и А-тестот, кој е околу 3.000 денари, и се менува сообраќајната книшка, па овој трошок за некого е превисок и поради тоа некои од граѓаните набавуваат половни уреди претходно демонтирани од други возила, кои немаат соодветни документи и не можат да се атестираат.
Нивната цена се движи од 3.000 денари за поедноставните, до 20.000 денари за пософистицираните уреди, а вградувањето се врши на диво, во некоја локална гаража.

– Клучна работа е уредот што се монтира во возилото да ги поседува сите безбедносни сертификати. Секое делче, од резервоарот, дизните, цревата, цевките, компјутерот, до стегите, поседува декларација што е важна при А-тестот. Покрај тоа, уште поважна е стручната монтажа на уредот, бидејќи лошо вграден систем може да биде опасен и да доведе до опожарување на возилото, а во најлош случај и до експлозија – велат во еден сервис што е овластен за вградување уреди за погон на течен гас.
Оттаму потврдуваат дека голем дел од граѓаните евтино набавуваат претходно демонтирани уреди и во возилата им ги вградуваат нестручни мајстори.

– Ќе појдат во некоја гаража и таму за евтини пари некој таканаречен мајстор ќе им го инсталира системот. Тие ниту се стручни, ниту имаат технологија да го калибрираат системот да работи добро. Згора на тоа, и деловите што ги вградуваат не ги проверуваат. Половина од цревата што ги монтираат се стари и напукнати, па после се случува возилото да троши многу, моторот да не работи добро, автомобилот често да се гаси, а во најлош случај и да се запали… Но реалноста е таа, треба да се прават поголеми контроли во станиците за технички преглед и да се откриваат овие возила – нагласуваат од сервисот.

И експертите во оваа област сметаат дека А-тестот е гаранција дека уредот што е вграден во возилото е безбеден.
– Сите делови што се вградуваат мора да се проверени. Резервоарот мора да се провери под притисок, а тука се и вентилите и ако некој од нив пушта, може да дојде до истекување гас во кабината и при употреба на запалка да дојде до пожар. Потоа и уредот за полнење треба да е херметички затворен, како и цевките што водат до моторот. На сиот тој пат од резервоарот до моторот постојат разни опасности и затоа е потребен А-тестот – вели професорот Милан Ќосевски од Машинскиот факултет.
Според него, тоа е синџир од опасности и ако само една алка попушти, може да се случи хаварија.

– Морам да нагласам дека уредите се безбедни само ако сè е вградено како што треба и потоа атестирано. Само тогаш нема да има никаков проблем при користењето – нагласува Ќосевски.
Поради сето тоа, упатените се согласни дека новата владина мерка за субвенционирање на граѓаните што ќе вградат уреди за погон на течен гас е чекор во вистинска насока и остава простор за намалување на бројот на возилата без А-тест, а со тоа и на опасностите што произлегуваат од вградувањето на уредите на диво.