Има ли издржан концепт за третманот на зависниците?

259

Министерот за здравство Венко Филипче и експерти од оваа област веќе се изјаснија дека децентрализација на центрите ќе значи поголема контрола, но и подобар третман за зависниците. Граѓаните, пак, бараат гаранција дека тие и нивните деца ќе бидат безбедни

Дали дисперзијата на Центрите за зависности во поликлиниките низ повеќе скопски општини е главен проблем во целиот третман на пациентите кои примаат метадонска терапија? Дали можеби треба да се смени целиот начин на кој се одвива лечењето на зависниците, а со тоа да се елиминира и потенцијалната опасност за населението кое живее во близина на тие дисперзирани центри? Каде ќе завршат 530-те корисници на метадон од Центарот за зависности во Кисела Вода? Ова се главните прашања кои се појавуваат во јавноста по бурните реакции и отпорот на локалното население по најавената дисперзија во поликлиниките во Аеродром и Ченто, психијатриската болница „Бардовци“, градската општа болница „Осми септември“, Клиниката за токсикологија и постојниот Центар за зависници во Кисела Вода, кои треба да бидат шесте пункта на кои зависниците од дрога ќе можат да ја земаат редовната метадонска терапија.
Надлежните од Министерството за здравство вчера ги седнаа на заедничка маса скопските градоначалници и невладини организации за да најдат најсоодветно решение за овој проблем.

Министерот за здравство Венко Филипче и експерти од оваа област веќе се изјаснија дека децентрализација на центрите ќе значи поголема контрола, но и подобар третман за зависниците. Граѓаните, пак, бараат гаранција дека тие и нивните деца ќе бидат безбедни.

Проблемот со Центарот за зависности се провлекува околу 20 години, а револтот на населението во Кисела Вода ескалираше откако пред две години таму беа префрлени и 150-те зависници од Клиничкиот центар.

Министерството за здравство смета дека во интерес на пациентите е поддршката од лекарите да ја имаат во пункт во својата, или барем во најблиската општина.
– Во овие пунктови, пациентите ќе добиваат метадонска терапија, додека процената за промена на терапијата ќе ја прави психијатарот кој е одговорен за пациентот и истиот ќе утврди колку пати неделно пациентот треба да ја зема терапијата.

Со оглед на тоа дека во пунктовите ќе бидат третирани околу 120 пациенти, кои се дел од програмата за лекување и третман, веќе нема да се создава метеж околу пунктовите и ќе се зајакне контролата на целиот процес. На лекарите, исто така, ќе им биде олеснета работата, бидејќи ќе имаат помал број на пациенти. Распределувањето на психијатрите е во рамките на внатрешната организација на јавната здравствена установа во која се вработени и во која ја извршуваат здравствената дејност во однос на лекување на зависностите, а тоа е Психијатриска болница – Скопје – објаснуваат од ресорното министерство.

Според експертите, дисперзија на зависниците низ повеќе здравствени установи е најсоодветно решение, кое веќе со години се применува во околните и европските земји. Како единствен проблем во целиот процес го посочуваат немањето на соодветен стручен кадар што ќе работи со овие луѓе.

– Ова е најдобро решение, зашто ова не е само здравствен проблем туку и социјален и општествен проблем. Пред многу години, зависниците беа принудени да доаѓаат во Скопје за да ја земаат метадонската терапија. Во 2006 година се отворија центри во повеќе поголеми градови низ земјата. Така се олесни целиот процес. Но во 2017 година се затвори одделот на Клинички и зависниците мораа да се префрлат во Центарот во Кисела Вода. Тогаш настана и револт кај локалното население – објаснува Христијан Јанкуловски, експерт во проблематиката со дроги.

Според податоците на невладините организации, најмногу зависници кои примаат метадонска терапија има во општините Чаир и Шуто Оризари, чија бројка се движи до 160 зависници. Оттаму велат и дека во земјава има 6.800 корисници на дрога која се инјектира, а помеѓу 1.800 и 1.900 лица се лекуваат.