Има ли воспитание во образованието

1005

Сѐ почесто македонското општество се соочува со дилемата, односно се преиспитува дали образованието и воспитувањето на децата претставуваат еден заеднички интегрален процес? Или, сепак, останува толкувањето од пред две-три децении дека за образованието се грижи училиштето, додека воспитувањето се сведува само на „домашнa задача на родителите“. Експертите се едногласни во констатацијата дека „што се сади во образованието, се жнее потоа како општествена култура“

Изминатиот период домашната јавност беше фрапирана од два случаја што може да се доведат во тесна корелација со воспитно-образовниот процес кај младите генерации. Се случи агресивно и насилничко однесување на ученички од деветто одделение во основно образование, кога две девојчиња брутално тепаа своја соученичка и непристојно, дури и вулгарно однесување на средношколци на екскурзија во странство кога беа објавени видео и фотографии од измет среде хотелска соба. И за двата случаја бурни беа реакциите во јавноста при што одговорноста и вината се бараа на една или на друга страна. Дали потфрлило образованието или, пак, воспитанието и впрочем кој е задолжен за нивно беспрекорно функционирање. Со други зборови, има ли воспитание во образованието или, пак, воспитувањето се сведува на „исклучива домашнa задача на родителите, односно старателите“. И надвор од посочените примери сѐ почесто македонското општество се соочува со дилемата, односно се преиспитува дали образованието и воспитувањето на децата претставуваат еден заеднички процес или треба да се третираат одвоено и посебно да се работи и на двата сегмента, кои потоа влијаат на оформување на младите како комплетна личност. Во однос на посочените два случаја јавноста вината најмногу ја лоцираше кај училиштето, но сепак има и такви што сметаат дека за таквите инциденти е виновно семејството.
„Нова Македонија“ се консултира со педагози и со искусни образовни експерти за да ја расчисти оваа дилема.

Овие процеси би требало да бидат неделиви. Зашто ако се поделат, ќе добиете образован, но невоспитан човек (какви што денес ги има еден куп, дури и универзитетски професори), или воспитан а необразован човек што нема перспектива во општеството. Ниту едното, ниту другото не се добра перспектива

– Според педагошката теорија, воспитувањето е еден, а образованието друг процес, кои применети заедно го даваат резултатот – воспитание. Овие процеси би требало да бидат неделиви. Зашто ако се поделат ќе добиете образован, но невоспитан човек (какви што денес ги има еден куп, дури и универзитетски професори) или воспитан, а необразован човек што нема перспектива во општеството. Ниту едното, ниту другото не се добра перспектива. Идеалната ситуација би била воспитан и образован човек – вели д-р Бујар Саити, редовен професор и продекан на Педагошкиот факултет при УКИМ, во Скопје.
Според д-р Саити, воспитно-образовниот процес ја создава и ја менува општествената култура. Сликовито кажано, што ќе се насади во тој воспитно-образовен процес, ќе се жнее како општествена култура.

Фото: Дарко Андоновски

– Воспитанието на човекот подразбира развој на два типа вештини: конативни или како што сега се нарекуваат „софт скилс“ (меки вештини), кои насочуваат на развивање чувства, емоции, емпатија. Вториот тип вештини се т.н. „хард скилс“, тврди или когнитивни вештини и се однесуваат на развој на професионалните вештини, знаења и умеења. Во сите досегашни реформи на образованието во Македонија, се наведуваа да се инвестира во тврдите, професионални вештини на децата. Особено од прво до петто одделение. Таквото инсистирање на когнитивните вештини и запоставување на меките вештини, создаде генерации целно насочени деца, кои не избираат средства да стигнат до целта. Таквите деца се сѐ повеќе „оперирани“ од чувства. Таквите деца не ги ценат ни наставниот процес, ниту наставникот. Тоа дете ќе направи сѐ за да добие 1 милион клика на Јутјуб, кои потоа носат некаква заработка. Она што е уште позагрижувачки е што во остварувањето на своите замислени цели, таквите деца немаат ни грижа на совеста кога ги прекршуваат правилата или ако наштетат некому со своето однесување. Чинам дека во последниве десетина години образованието потфрли – ги „опериравме“ децата од човечки емоции – размислува професорот Бујар Саити.
Сепак, мора да се констатира дека сѐ уште постојат семејства што инвестираат во домашното воспитување и во културата на своите деца. Но, за жал, многу често кога таквите деца ќе излезат од дома, се жртви на врснично насилство, забележува професорот Саити. Според неговите согледувања, тој смета дека треба да му се даде шанса на образованието, така што без политички влијанија ќе му се врати авторитетот на наставникот. Саити заклучува дека досега образовните програми се креирале од политичка гледна точка, без согледување на реалните показатели од образовната практика, односно што е постигнато и во која насока, како општество, сакаме да се развива образованието.

– Некогаш учителите со својот авторитет можеа да го извадат народот на улица, имаа општествено влијание, можеа да уриваат влади и држави. За жал, во последниве години, сликата како да е вратена во негатив, па политичарите ги вадеа наставниците од училниците и ги употребуваа за гласање. Затоа е итно неопходно да им се врати авторитетот на наставниците, но не само декларативно-маркетиншки, со билборди од типот „Сакајте го наставникот“. Авторитетот на наставникот ќе му биде вратен кога ќе му се даде правото да ги вежба, да работи на човечките вештини (конативните способности) на учениците. Исто така, тој авторитет треба да се валоризира со независен статус од политиката и, секако, со пристојна плата – размислува продеканот на Педагошкиот факултет, Бујар Саити.
Но професорот Саити секогаш истакнува дека основниот предуслов за еден наставник да одржи час, што се пренесува и на смислата на образованието и сите образовни политики, се учениците. А за проблемите со однесувањето на учениците, кои сѐ почесто допираат до јавноста и се издигнуваат на ниво на државен проблем, а од друга страна ја тестираат неделивоста на образовно-воспитниот процес, тој смета дека јасно се покажува дека образованието како систем очигледно има потфрлено, но дел од одговорноста треба да се побара и кај родителите, односно семејството.

– Ги разбирам и родителите на учениците дека работат во транзиција, со поинакво и недефинирано работно време, во однос на активниот работен период на нивните родители. Но современите родители сосема го имаат напуштено дидактичкиот триаголник: дете – учител – родител. Немањето време за квалитетно да му се посветат на детето, родителите го компензираат со материјални награди или со решавање на невоспитен начин на проблематичните ситуации во кои може да западне детето. Непостоењето на тој дидактички триаголник, му остава простор на детето да манипулира со двете страни – и со родителите и со наставниците. Децата си земаат храброст сами да одлучуваат за важни нешта во врска со своето образование, а во ситуација кога авторитетот на наставникот е девалвиран и нема моќ да реагира, родителите го имаат напуштено дидактичкиот триаголник, им се остава слободен простор за манипулација. А децата умеат да го искористат тој разнебитен дидактички триаголник, што е формула за предизвикување проблеми со безброј сценарија – вели Саити.
Конечно, решението тој го гледа токму во општествената поддршка на авторитетот на наставниците и да им се даде можност самите да направат образовни курикулуми, адаптирани на конкретните услови и потреби со кои се соочуваат во наставата. Исто така, неопходно е родителите да си го заземат своето место во дидактичкиот триаголник, а детето-ученикот да биде таму каде што треба да биде (во училиштето), но да се чувствува дека тоа е негов избор, а не дека му е наметнато.
– Постои една девиза, која гласи: „Ако сакаш напредно општество – инвестирај во образованието. И ако сакаш да уништиш некое општество, повторно инвестирај во образованието – но погрешно“ – порачува продеканот на Педагошкиот факултет, Бујар Саити.