Фото: Маја Јаневска-Илиева

Прославувањето 1.000 години од основањето на древната Охридска архиепископија ќе се чествува на 27 и на 28 мај годинава во Охрид. Но на овој начин МПЦ-ОА, де факто, ја признава тезата за настанокот на ОА од 1018 година што, според одредни историчари, аналитичари и византолози, не е вистинскиот датум за континуитетот на ОА. Од друга страна, за македонските владици, прославата на јубилејот од 1.000 години е чествување на црковната организираност на ОА, а не е откажување од црковното наследство што има длабоки

Еден милениум од основањето на древната Охридска архиепископија ќе се чествува на 27 и на 28 мај годинава во Охрид. Ова ќе биде првиот голем јубилеј, кој Македонската православна црква – Охридска Архиепископија го слави како поврзување на нејзиниот континуитет со Охридската архиепископија. Прославата ќе има државно-црковен карактер, а според најавите, МПЦ-ОА очекува присуство на бугарска делегација, со оглед на тоа дека веќе го поканила и бугарскиот патријарх Неофит.
Според архиепископот Стефан, поглаварот на МПЦ-ОА, ова е редок јубилеј што треба да го обележат сите православни народи на овие простори до каде што Охридската архиепископија се простирала во свое време.
– ОА е важна за сите православни народи. На прославата ги поканивме и раководителите на Бугарската православна црква и се надеваме дека ќе празнуваме заедно. Верувам дека на празнувањето ќе имаме и гости од соседните народи и од соседните цркви – изјави г.г. Стефан.

На овој начин МПЦ-ОА де факто ја признава тезата за настанокот на ОА од 1018 година, што според одредни историчари, аналитичари и византолози не е вистинскиот датум за континуитетот на ОА. Токму затоа, „Нова Македонија“ ја отвора дилемата зошто се прави ваков рез на црковниот живот во Македонија, кој отсекогаш се поврзувал со Охридската архиепископија и пред 1018 година, односно во времето на Јустинијана Прима, свети Климент и Наум, како и со периодот на Самуиловото Царство и воздигнувањето на ОА во ранг на патријаршија.

Во македонската историографија се учи дека ОА влече корени од времето на свети Климент Охридски, па преку Самуиловото царство, сѐ до 1767 година кога била укината од турскиот султан.
Мора да се истакне дека и покрај тоа што МПЦ-ОА оваа година обележува 1.000 години од ОА, сепак таа никогаш не се откажала од континуитетот на црковниот живот уште од Апостол Павле. Според македонските владици прославата на јубилејот од 1.000 години е чествување на црковна организираност на ОА, а не е откажување од црковното наследство, кое има длабоки корени во Македонија.

ТЕОРИИ ЗА НАСТАНОКОТ НА ОА

Најчестите теории за настанокот на ОА се тие дека таа е идентична со поранешната Архиепископија на Јустинијана Прима, која била основана од Јустинијан Први во 535 година. Оваа теорија се задржала долго време, сѐ до укинувањето на ОА.
Втора теорија ја поврзува ОА и периодот на бугарското владеење во 9 век и назначувањето на свети Климент и Наум за епископи на територијата на денешна Македонија. Според историчарите што ја застапуваат оваа теорија, овој континуитет на ОА продолжил и во времето на Самуиловото Царство, кога цар Самуил ја издигнал во ранг на патријаршија, веројатно во 996 година. За прв патријарх бил именуван Гермн, чие патријархиско име може да се најде испишано во царската катедрала „Свети Ахил“ на островот Голем Град, Преспа. По пропаста на Самуиловото Царство, византискиот император Василиј Втори ја освоил Македонија и ја одредил и судбината на црквата на оваа територија.

Според теоријата дека ОА влече корени од порано, Василиј Втори само го укинал патријархискиот ранг и ја симнал на ранг на архиепископија.
Историчарите што ја заговараат тезата дека ОА нема континуитет со Јустинијана Прима, тврдат дека таа всушност е создадена во времето на Василиј Втори во 1018 година, кога тој издал уредби за нејзина автокефалност.

КОНТИНУИТЕТОТ И ОРГАНИЗИРАНАТА ЦРКВА

Универзитетскиот професор и византолог Александар Атанасовски, кој на Институтот на историја при Филозофскиот факултет во Скопје предава Историја на Византија и Историја на средновековна Македонија, вели дека многу е важно кога станува збор за Охридската архиепископија да се прави разлика од христијанството во Македонија до 1018 година и формирањето на ОА. Истакнува дека ширењето на христијанството во Македонија почнува во времето на Апостол Павле и скоро речиси има континуитет, додека црковната организација е сосема друго прашање.

– По признавањето на христијанството за рамноправна религија со другите религии во 313 година, во Македонија се формираат повеќе црковни центри или епископати. На првите три вселенски собори има учество на епископи од Македонија, кои ги бранат догмите усвоени на Првиот или Никејски собор од 325 година. Потоа почнува борба меѓу Рим и Цариград за црковна јурисдикција над македонските епископии. Таа борба резултира со формирање Папски викаријат во Солун во 412 година, со што Рим стекнува доминација во решавањето на црковните прашања во Македонија и на Балканот. Тоа влијание уште повеќе се зајакнува во времето на Јустинијан (527-565 г.) и формирањето на епископијата Јустинијана Прима, најверојатно седиштето е во Скопската Котлина, иако има претпоставка дека било во Охрид. Таа епископија правно била потчинета на Рим, но епископијата е во понизок ранг од архиепископијата – посочува Атанасовски.

Според него, може да се зборува за континуитет на црковен христијански живот, но сепак организациски црковните единици во Македонија имаат различни управи. Истакнува дека за време на големата преселба на народите (4-6 век) на христијанството му е нанесен сериозен удар и по разместувањето на новодојдените племиња и народи Византија почнува кампања за повторно наложување на христијанството во овие области.ж

„Нова Македонија“ ја отвора дилемата зошто се прави ваков рез на црковниот живот во Македонија, кој отсекогаш се поврзувал со Охридската архиепископија и пред 1018 година, односно во времето на Јустинијана Прима, свети Климент и Наум, како и со периодот на Самуиловото Царство и воздигнувањето на ОА во ранг на патријаршија

– Во таа насока дејствувале и свети Климент и свети Наум. свети Климент во 893 година бил назначен за епископ на Дрембица и Велика, што значи пак не е архиепископ, туку епископ потчинет на Бугарската архиепископија од 927 година патријаршија. По ликвидирањето на Првото Бугарско Царство во 971 година била ликвидирана и бугарската патријаршија. На територијата на Македонија уште пред тоа во 969 година била создадена Самуиловата држава. На таа територија веќе постоела црковна организација, но поради зафатеноста со постојана војна со Византија, Самуил не пристапил веднаш кон црковно уредување во неговата држава. Тоа било правено постојано. Епископите што се наоѓале на неговата територија се организирале по примерот на Помесна соборна црква, која со текот на времето прераснала во ранг на архиепископија, а според некои во ранг на патријаршија. Седиштето на таа црковна организација било во црквата „Свети Ахил“ на истоимениот остров во Преспанско Езеро – вели историчарот Атанасовски.

Тој истакнува дека гледано историски не е грешка да се слават 1.000 години од основањето на ОА оваа година, бидејќи црковната организација во Македонија до Самуил е различна од ОА.

Тој дел, според византологот, може да се смета како историско наследство врз кое Византија ја создала ОА, на почетокот на чело со Јован Дебарски, а по 1036 година постојано се поставуваат архиепископи Грци и улогата на ОА во византискиот период е сосема спротивна од таа улога што ја имала во подоцнежните времиња.
Според него, практично по битката на Беласица и ликвидирањето на Самуиловата држава во 1018 година императорот Василиј Втори прави реорганизација во политички и во црковен план за да ги избрише традициите и трагите од претходниот период и според дел од научниците ја симнал патријаршијата во ранг на архиепископија и го преместил седиштето во Охрид. 

– Според друга група научници, црковното седиште било пренесено во Охрид уште пред 1018 година. Но, реално гледано во 1018 година Василиј создал нова црковна организација со седиште во Охрид, каде што бил и административниот управник на областа. Таа црква се именува како Охридска архиепископија канонски потчинета на Цариград со зачувана своја автокефалност. Тоа значи, охридскиот архиепископ го избира византискиот император, а архиепископот сам ги избира другите пониски црковни великодостојници и во внатрешната управа не му се мешала Цариградската патријаршија. Но, охридскиот архиепископ бил член на Синодот на Цариградската патријаршија. Гледано историски не е грешка да се слават 1.000 години од основањето на ОА – заклучува професорот Атанасовски.

КОНТИНУИТЕТ ОД АПОСТОЛ ПАВЛЕ

Публицистот и историчар Петар Поповски, кој долго време ја истражува оваа тема и има напишано и книги за Охридската патријаршија смета дека МПЦ влече директни корени од древната Охридска архиепископија, како канонска наследничка на Јустинијана Прима, која во својот историски континуитет од времето на Самуил прераснала во патријаршија.

Поповски потсетува на континуитетот на Апостол Павле од почетокот на првиот век, кој ја избрал Македонија за ширење на христијанското учење, за подоцна да бидат создадени и првите епископи на овие простори.

– Охридската епископија, како прва од основаните православни цркви, византискиот император, скопјанецот од македонско потекло Јустинијан Први Велики (527-565), во 535 година, „по желба на Македонците, Охридската епископија ја произвел во архиепископија“. Во својата новела запишал дека тоа го сторил: „за својот народ“, „од кој и самиот произлегувал, од илирскиот – словенскиот“. Таа своја желба ја овековечил „не со обична, туку со вистинска и точно дефинирана новела“.
Архиепископијата на која ѝ го дал името Јустинијана Прва, му ја доверил на првиот нејзин архиепископ Кателијан (535-548), дотогашен охридски епископ, да ја реорганизира и да ја преуреди. Таа црква, Охридската архиепископија, трета по Римската и Цариградската црква, „во тоа време била и мајка и татко за целиот словенски православен христијански свет и род“ – објаснува Поповски.

ОА ДЕЛ ОД ОФИЦИЈАЛНОТО ИМЕ НА МПЦ

Одлуката за инкорпорирање на терминот Охридска архиепископија во името на МПЦ официјално беше донесена во 2009 година, по едногодишно утврдување и прецизирање на сите можности таа да биде оспорена. Во преамбулата на Уставот на МПЦ уште од 1967 година стои дека таа е наследничка на славната и древна ОА. Објаснувањето на македонските владици беше дека МПЦ никогаш во својата историја не се откажала од ОА, и дека црковниот живот во Македонија се смета за континуитет на некогашната Охридска архиепископија, возобновена во лицето на МПЦ-ОА.


И СПЦ ќе слави 1.000 години ОА?

Владиците на Српската православна црква на одржаниот Собор од 29 април до 10 мај годинава одлучиле дека СПЦ во текот на оваа година молитвено и достоинствено ќе ја одбележи илјадагодишнината од основањето на Охридската архиепископија.