Измените на Законот за минимална плата пред Комисијата за труд и социјална политика

95

Собраниската Комисија за труд и социјална политика на денешната седница ја почна расправата за Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за минимална плата во Република Македонија по скратена постапка, во второ читање, за кој, како што кажа претседтелката на Комисијата Весна Пемова од ВМРО-ДПМНЕ, не се поднесени амандмани од овластени предлагачи.

Поради неопходноста од учество на членовите на Комисијата на пленарната собраниска седница, расправата беше прекината веднаш по образложението од заменик министерот за труд и социјална политика Ѓонул Бајрактар, а нејзиното продолжение дополнително ќе биде закажано.

Бајрактар рече дека измените на Законот за минимална плата се носат со цел да се поттикнат работодавачите кои имаат финансиски проблеми да ги исплатат зголемените плати на вработените кои се покачени над минималната плата и изнесуваат до 18.000 денари нето плата.

– Ваквиот предлог се прифати на седницата на социјално-економскиот совет што се одржа во Владата на 1 мај 2018 година поради што се неопходни измени на Законот.  Планирано е финансиската поддршка да се обезбедува во периодот од јули 2018 до декември 2019 година и да изнесува 30 отсто од разликата помеѓу бруто платата на работникот во тековниот месец и просечната бруто плата на работникот исплатена во месеците октомври, ноември и декември 2017 година при што максималната финасиска поддршка може да изнесува 1.200 денари, рече Бајрактар. 

Нагласи дека сретставта за исплата на финансиската поддршка се веќе обезбедени и според проекциите доколку аплицираат сите кои ги исполнуваат условите со мерката ќе бидат опфатени околу 50.000 вработени и 15.000 работодавачи.

– Во предложениот закон јасно се дефинирани условите кои треба да ги исполнат работодавачите за да се стекнат со право за финансиска поддршка, како и нивните обврски, рече Бајрактар.