Избран моделот за реформа на УБК, се чека кормиларот

1394
Фото: Игор Бансколиев

По усвојувањето на предлог-моделот за реформи на УБК од страна на Владата, се отвора прашањето кој ќе застане на чело на реформираната управа

Како еден од особено важните услови што Македонија треба да ги исполни пред почнување на пристапните преговори за членство во ЕУ е и реформата на безбедносните служби. Во тој контекст, Владата веќе го усвои предлог-моделот за реформа на безбедносно-разузнавачкиот систем во Република Македонија, како и планот за негово воспоставување. Министерството за внатрешни работи е задолжено, во соработка со надлежните органи на државната управа и други институции, да ги координира сите активности што произлегуваат од реформата на безбедносно-разузнавачкиот систем во Република Македонија.

Прифаќањето на споменатиот предлог-модел, значи дека УБК ќе функционира како посебно и независно тело, надвор од МВР, но под ингеренции на Владата. Според усвоениот предлог, Управата за безбедност и контраразузнавање ќе се реструктурира добивајќи форма на разузнавачка и на контраразузнавачка служба. УБК ќе има превентивна, а не репресивна функција со јасна поделба на овластувањата, како и автономија во соодветните истраги. Она што е битен елемент на реструктурирање на стариот модел и одлика на новиот, прифатен предлог-модел е одлуката за целосна деполитизација на службата. Со избраниот модел, како што велат од Владата, се избегнува и концентрацијата на безбедносната моќ. Промените исто така подразбираат јасна поделба на надлежностите на УБК и на БЈБ (Бирото за јавна безбедност), со што се очекува да се избегне судир на надлежностите на терен.

Реформите на УБК беа вториот исчекор на комплексниот пат за коренити реформи на националниот безбедносен систем. Да потсетиме, првиот практичен чекор почна со создавањето на Оперативно-техничката агенција (ОТА) сместена во зградата на „Телеком“, која како институција ќе биде само една алка во рамките на процесот на законското следење на комуникациите. Ова посебно тело ќе има право да конектира, но не и да ги слуша разговорите.

Но да се вратиме на вториот конкретен чекор во низата на реструктурирањето, односно на реформите во УБК. По усвојувањето на концептот за реформа на УБК, односно усвојувањето на предлог-моделот од страна на Владата на Република Македонија, јавноста се загреа со претстојните кадровски решенија за прв човек на УБК. Имено, сѐ погласно се поставува прашањето кој ќе застане на чело на реформираната управа. Во професионалните кругови од оваа дејност веќе се споменуваат неколку имиња како опција за директор на УБК, меѓу кои се: Горан Николовски, Силјан Аврамовски, Зоран Верушевски, Виктор Димовски, Еролд Муслиу… Сите споменати имаат долгогодишна професионална поврзаност и кариера во УБК.


Кои се персоналните комбинаторики за директор на УБК

Горан Николовски е актуелен директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, кој на оваа функција е назначен во јуни 2017 година. Николовски е роден на 1967 г. во Скопје, а дипломирал на Факултетот за безбедност во Скопје во 1991 година. Кариерата ја почнал во 1992 година, како исклучително успешен оперативен работник во УБК (ДБК), професионално напредувал по скалилото на безбедносната служба. Николовски бил и главен координатор на тело за соработка со комплементарни странски разузнавачки служби, исклучително суптилна функција, која ја вршел многу успешно и на високо професионално ниво. Тој бил началник на првата управа во УБК (ДБК), односно по функција, од 2015 до 2017, бил помошник-директор за контраразузнавање. Не е член на политичка партија, а кариерата ја гради на професионални принципи и стандарди.

Силјан Аврамовски е македонски полициски функционер и поранешен вршител на должноста министер за внатрешни работи во Владата од 2002 година. Аврамовски е роден на 10 април 1960 година во Скопје. Завршил Факултет за безбедност во Скопје во 1983 година. По дипломирањето се вработува во МВР, каде што постепено напредувал, извршувајќи повеќе одговорни функции во рамките на ДБК. Бил началник во првата управа на ДБК (Управа за спротивставување на работата на странските разузнавачки служби на територијата на Р Македонија). Тој бил шеф на тимот за соработка со американската агенција за разузнавање. По повеќегодишна работа и напредување во ДБК и во УБК, од февруари 2003 г. Аврамовски ја вршел и функцијата директор на Управата за безбедност и контраразузнавање. Од 2 јуни 2004 до 17 декември 2004 година, Аврамовски бил министер за внатрешни работи на Македонија.

Зоран Верушевски бил директор на Управата за безбедност и контраразузнавање во 1998 година. Верушевски докторирал во 1992 година на Факултетот за безбедност во Скопје. Во текот на својата кариера кратко време бил припадник на оперативниот дел на Службата за државна безбедност, а потоа интензивно се посветил на своето академско надградување во делот од безбедноста и разузнавањето. Бил многу успешен професор на Факултетот за безбедност во Скопје, а докторирал на проблематиката на екстрадиција. Работел како декан на универзитетот ФОН на Факултетот за детективи и безбедност. Во 1998 година станал првпат директор на УБК. Неговото директорување ќе биде запаметено по успешната теоретска и практична трансформација на ДБК, воведување на новите трендови во функционирањето на службата, но најмногу по формирање на тимот, кој под негово раководство брзо и ефикасно ги лоцираше сторителите на првите терористички напади во самостојна Македонија од позиции на албански екстремизам и радикализам. Но, набрзо потоа, Верушевски беше разрешен. Во 2002 година, по победата на СДСМ на парламентарните избори, Верушевски бил вторпат назначен за директор на УБК. Претходно, во 2001 година се случи т.н. „Афера прислушување“, а како главен и одговорен што успеал да ги земе материјалите со прислушуваните разговори бил токму Верушевски, кој подоцна му ги предал материјалите на Бранко Црвенковски. Зоран Верушевски во 2006 година официјално бил именуван за советник во македонската амбасада во Рим.

На 23 јануари 2015 година бил уапсен во т.н. полициска акција „Пуч“ под сомнение дека „нелегално поседувал оружје“. Подоцна, на Верушевски му бил продолжен притворот под сомнение за шпионажа и насилство спрема највисоките државни органи. Неговото име се поврзува со т.н. бомби, објавување прислушувани снимки, кои тогашната опозиција (СДСМ) почна да ги објавува во 2015 година.

Виктор Димовски е доктор на политички науки, безбедносен експерт и дипломат од кариера со повеќе од дваесет години дипломатско искуство. Тој кариерата ја почнал во битолскиот огранок на Службата за државна безбедност (СДБ) односно ДБК. Потоа, преминал во Министерството за надворешни работи и бил вонреден и ополномоштен амбасадор на Република Македонија во Србија и во Црна Гора, како и во Израел. Покрај тоа, извршувал и други одговорни должности во Министерството, помеѓу другото и помошник-министер, државен советник и специјален советник. Наедно, бил национален координатор на Република Македонија во повеќе регионални иницијативи, претседавач на Комитетот на политичките директори на Процесот за соработка во Југоисточна Европа и претседател на македонскиот дел на Државната комисија за утврдување на границата со СР Југославија. Во периодот од 2007 до 2009 година Димовски беше директор на Агенцијата за разузнавање. Кадар е на СДСМ.

Фотографијата е презермена од linkedin

Еролд Муслиу, завршил Факултет за безбедност во Скопје како еден од најуспешните студенти. Муслиу по дипломирањето веднаш бил вработен во 1994 година во Дирекцијата за безбедност и контраразузнавање и постепено напредува по скалилото на хиерархијата како исклучително посветен и висок професионалец. Со формирањето на Агенцијата за разузнавање, тој преминува да работи како разузнавач. Тој е полиглот, зборува повеќе јазици, интелектуалец меѓу безбедносните професионалци, а за него високите претставници од пријателските безбедносни служби отворено во јавноста изразиле мислење дека тој е олицетворение на највисокиот формат на професионалец од областа на безбедноста и разузнавањето. Во 2011 година, бил еден од кандидатите на претседателот на државата, Ѓорге Иванов за директор на Агенцијата за разузнавање. Тој е непартиски кадар како предлог за директор на УБК. Во моментот ја врши функцијата помoшник во Агенцијата за разузнавање.