Избрано ново раководство на ССНМ

72

На денешното изборно Собрание на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) беше избрано ново раководство и вршител на должноста претседател.

За в.д. претседател на ССНМ избран е Звездан Георгиевски, кој на оваа функција ќе биде до изборот на нов претседател.

– Изборот на в.д. претседател дојде заради тоа што немаше кандидат од членовите на ССНМ за претседател, а раководењето го презема Извршниот одбор – рече Тамара Чаусидис, која на оваа функција беше изминатите осум години.

В.д. претседателот Георгиевски потенцираше дека Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници е важна алка не само во остварувањето на новинарските права што произлегуваат од работниот однос и во зголемувањето на социјалниот статус на новинарите, туку и во остварувањето на новинарскиот идеал – слобода на говорот. Без економски и социјални услови нема ниту слободно новинарство.

– Лично сметам дека во изминатиот период ССНМ направи навистина многу, пред сé консолидирајќи се како значајна институција, но и во подигнувањето на свеста за важноста на новинарските права – истакна Георгиевски.

На Собранието се разгледа економско-социјалната положба на новинарите, потребите и барањата на новинарите во дигиталните медиуми, а беа дадени насоки за синдикалното организирање и како ќе се дејствува во иднина.

Според новиот в.д. претседател, работите се далеку од задоволувачки и во нормативната и во практичната сфера.

– Поради што основната задача на ССНМ и натаму ќе биде враќањето на достоинството и интегритетот на новинарот како битен општествен чинител во спроведувањето на демократските процеси – наведе Георгиевски.

На Собранието беа избрани и назначени новите членови на извршен одбор, Надзорен одбор и членови на Статутарна комисија.