Изборните планови заглавени во тактизирања

620
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Додека во македонскиот блок сликата е малку појасна, власта останува на позицијата за брзи избори во ноември со тврдењето дека ќе се почитува обврската за техничка влада, а опозицијата вели дека ќе оди на предвремени избори само ако има нов јавен обвинител, анкетна комисија за референдумски нерегуларности и пржинска влада со комплетен мандат, партиите на Албанците имаат неодреден став за решавањето на проблемот, иако тие на големо ги почнаа средбите

Политичката сцена во земјава е тензична, а партиите од македонскиот и албанскиот блок во овие моменти ги доутврдуваат позициите за тоа како да се постапи во актуелната ситуација за да се надминат пречките поврзани со спроведувањето на спогодбата со Грција, иако остануваат малку денови за носење одлука. Од едната страна во македонскиот блок партии е малку појасна сликата, власта има дефиниран став дека останува на позицијата за брзи избори во ноември со тврдењето дека ќе се почитува обврската за техничка влада, а опозицијата вели дека ќе оди на предвремени избори само ако има нов јавен обвинител, анкетна комисија за референдумски нерегуларности и пржинска влада со комплетен мандат.

Наспроти тоа, кај албанскиот блок се чини дека сѐ уште владее клима во која партиите имаат неодреден став за решавањето на проблемот, иако тие на големо ги почнаа средбите за да најдат компромис за уставните измени. ДУИ официјално се противи на избори, велејќи дека во моментов не ѝ се потребни на државата, а лидерот на најголемата албанска партија ДУИ, Али Ахмети, досега остварил средби и со премиерот Зоран Заев и лидерот на ВМРО, Христијан Мицковски. Натаму, БЕСА е заглавена во судски лавиринти околу тоа кој го носи приматот да одлучува за партиските ставови, а Алијансата за Албанците во овие моменти сѐ уште одлучува што ќе прави.
Сите овие превирања и неодлучност кај албанските партии ја отежнуваат работата со која ќе се обезбеди двотретинско мнозинство, за да се изгласаат уставните измени, со цел законско имплементирање на спогодбата од Преспа.
Политичкиот аналитичар Исмет Рамадани, коментирајќи ја состојбата, истакнува дека тој верува во тоа дека партиите ќе најдат успешна формула со излегување на избори, но и оти и без тоа може да се формира двотретинско мнозинство за да се изгласаат уставните измени и земјата конечно да тргне по патот на евроатлантските интеграции.
Рамадани верува дека во оваа одлука големо влијание ќе има фактот на дејствувањето на меѓународната заедница, која ќе помогне да ги мотивира партиите да најдат соодветно решение.

– Конкретно, кога говориме за албанскиот блок партии, мислам ставовите наскоро ќе се испеглаат, и покрај големите очигледни разлики што постојат меѓу нив – вели Рамадани.
Тој верува дека и ДУИ и Беса, но и Алијансата за Албанците, ќе бидат конструктивен фактор во преговарањата за формирање неопходно мнозинство, а истото тоа ќе продолжи и во ситуација дури и ако се исцрпат сите опции и се оди на предвремени избори.
Аналитичарот верува дека сегашната поставеност на албанските партии во преговорите, со сигурност ќе се одрази врз бројот на пратениците во парламентот доколку има избори.

– Иако сѐ уште е рано да се вршат процени, мислам дека оние партии што ќе се противат на начинот на кој ќе се издејствува спогодбата со Грција, со сигурност ќе освојат и помал број пратеници од електоратот, бидејќи евроатлантската перспектива е клучна за албанските гласачи – вели Рамадани.
Сличен став има и Алберт Муслиу, кој превирањата во албанскиот блок на партии ги оценува како нивно преткоалициско позиционирање и како партиска стратегија за извојување подобра позиција за изборите.

– Верувам дека однесувањето на албанските партии во целата ситуација тесно зависи од наративот на тоа како ќе се постават работите за наоѓањето на решението за спогодбата со Грција – вели Муслиу.
Тој смета дека сите опции се во игра на овие предвремени избори за албанските партии, бидејќи тука не станува збор за натпревар со ривалите од таборот туку за можност да се освои доволен број пратеници за да може државата суштински да го спроведе договореното со Грција.

– Бидејќи изборите нема да бидат класично мерење на сила меѓу албанските партии, јас верувам дека е можно сите тие да учествуваат и во една заедничка коалиција со македонските партии за решавање на состојбата – вели Муслиу.