Откаде сте, праша келнерот во бар во Калитеа, на што мојата македонска вереница одговори „јас сум од Америка, мојот пријател е од Холандија, а мојот партнер е од Шкотска“, забелешка која ја премочлев, откако келнерот се ракуваше со нас и замина, пишува Алистер Стјуарт во колумната насловена „Северна Македонија? Не ме прави Севернобританец!“ за шкотскиот весник „Скотсман“.

Моето неверување се претвори во гнев, кога братот на мојата вереница кажа дека „сме на нивен терен, па што можеме да правиме“. Згора, тој ми посочи една од соседните маси исполнета со празни чаши, на која група од Грци гласно разговараа за „тоа место во соседството“ исполнето со „измамници“. Мојата идна сопруга, исто така, ми порача да се смирам.

Овој инцидент го симболизира македонското прашање за името. Тоа што двајца добро образовани Македонци кои го пропатувале светот се приморани да го кријат своето потекло, беше тешко за гледање. Тие не беа засрамени, далеку од тоа, но имаа чувство дека тоа што се од Македонија може да предизвика проблеми, дури и насилство. 

Авторот потоа се осврнува на Договорот од Преспа и на одржаниот референдум, односно на, според него, несоодветното прашање кое им беше поставено на македонските граѓани.

– Потоа дојде и договорот од Преспа со кој Македонија треба да стане „Република Северна Македонија“, откако на нејзините граѓани им беше поставено несоодветното прашање „Дали сте за членство во ЕУ и во НАТО со прифаќање на Договорот од Преспа?“. Но, прифаќањето на Договорот од Преспа не го гарантира членството во ЕУ и во НАТО наведени во референдумското прашање. Поставувањето на прашањето на таков начин од страна на кабинетот на премиерот Зоран Заев, претставуваше стравично изобличување. Пристапувањето во НАТО и во ЕУ би било предмет на долги процеси на ратификација и сите предлози би требало да бидат одобрени од македонскиот парламент – наведува Стјуарт.

Тој смета оти Договорот од Преспа го става македонското образование во рацете на „академски заговор“, поради заедничкиот комитет што треба да одлучува за содржината. 

– Повеќе од 300 години Шкотска е дел со политичка унија со Англија, која, во теорија, требаше одамна да го „проголта“ нејзиниот национален идентитет. Шкотска го задржа националното чувство, првенствено, бидејќи нејзиниот образовен систем секогаш имал шкотска димензија – објаснува Стјуарт.

Македонија е суверена држава која се обидува да опстане, а тоа може да го стори преку заштита на нејзината историја. Но, сегашната влада слободно ги предава средствата за заштита во замена за ветувањето за можен влез во НАТО и во ЕУ.

Веќе две години живеам со посебноста на моето прифатено наследство. Родителите на мојата идна сопруга ме прифатија и гордо ме учеа за македонската култура, одговарајќи на сите мои прашања. Секој се жени за личност, но наивно е да се мисли дека не „стапувате во брак“ и со нивното културно наследство. Безобѕирното препуштање на македонското културно наследство во рацете на бирократите е непростливo безумие, заклучува авторот.