Иванов: Нема да легализирам политички дивоградби

329

Претседателот Ѓорге Иванов вчера во обраќање пред јавноста порача дека со договорот со Грција се брише државноправниот континуитет на РМ, нагласувајќи дека овој договор е личен договор на преговарачите, нивна лична одлука и нивна одговорност. Со договорот е прекршено и суштинското барања на Македонија за неменување на Уставот и неприфаќање ерга омнес. Според Иванов, ваков штетен договор, единствен во историјата на човештвото, е неприфатлив.

– Нема да легализирам политички дивоградби. Владата не смогна сили заеднички да изградиме политички став и да изградиме национален консензус. Целиот процес се одвиваше несериозно, неодговорно и нетранспарентно. Текстот на договорот е поразителен за РМ. Дали е патриотизам да се менува преамбулата на Уставот заради бришење на членот за заштита на малцинствата во соседните земји, дали е достоинствено да ги прифатите сите грчки барања и ултиматуми. Со ваков договор се отвораат многу повеќе прашања и проблеми отколку што се затвораат. Грција успеа да ги исполни своите максималистички барања. Сѐ што е свето за Македонија е погазено – истакна Иванов.

Тој предупреди и дека ЕУ и НАТО не смеат да бидат алиби за лош договор.
– Го повикувам македонскиот народ каде и да се наоѓа да не се плаши, да го чува и негува духот на македонскиот непокор. Мојот став е конечен, нема да поддржам и да потпишам ваков штетен текст на договор – истакна претседателот Иванов.