Иванов: Наша должност е да го негуваме наследството на светите Кирил и Методиј

631

Правото на сопствен јазик, на образование, на самоидентификација и денес се основни универзални и европски човечки вредности. Јас денес го говорам македонскиот јазик, исто како што нашите словачки пријатели го говорат словачкиот јазик, благодарение на светите Кирил и Методиј, истакна претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов на отворањето на изложбата „По трагите на светите Кирил и Методиј“ на словачкиот автор Павол Демеш, а во организација на Амбасадата на Република Словачка.

– Битката на светите Кирил и Методиј беше да им се овозможи на словенските народи сами да го спознаваат Божјото слово, сами да ја создаваат и пренесуваат својата култура, традиција, сами да ја пишуваат својата историја, порача во обраќањето претседателот Иванов.

Духовното стебло на светите Кирил и Методиј, додаде македонскиот претседател, е богатството на Европа кое денес го именуваме како единство во различноста.

– Без тоа словенско стебло денес ќе имавме една интелектуално и духовно посиромашна Европа. Затоа, должност на нашата генерација е да го негуваме и афирмираме тоа наследство, благодарение на кое ние денес имаме наш светоглед, наша посебност и идентитет, рече во обраќањето претседателот Иванов.

Изложбата е по повод 1155-годишнината од доаѓањето на солунските браќа на територијата на Велика Моравија, предците на Словаците и Чесите, и 25-годишнината од осамостојувањето на Република Словачка. Изложбата претставува фотографска биографија на солунските браќа, заштитниците на Европа, на која авторот работел три години.

Станува збор за избор фотографии, којшто треба да покаже кои биле Кирил и Методиј, и воедно, зошто се толку важни за словенските народи. Изложбата опфаќа и споменици од најразлични земји, зачувани од времето на светите Кирил и Методиј или кои им се посветени ним.

Павол Демеш е експерт за надворешна политика и граѓанско општество. Живее во Братислава. Активно фотографира, а неговите фотографии повеќе пати беа изложени и презентирани во Словачка, како и во странство.