Зошто поцрвенуваат реките во државата

226
Фото: Маја Јаневска-Илиева

По ситуациите каква што се случи пред некој ден, кога поцрвенеа водите на скопската река Серава, упатените како уште позагрижувачки го оценуваат фактот што има и еколошки инциденти во македонските реки што никој не ги пријавува, а тоа дополнително ја зголемува заканата по здравјето на водниот жив свет, но и на луѓето

Последниот случај со загадувањето на реката Серава, чии води викендов целосно поцрвенеа, повторно ја наметнува дилемата колку навистина се води сметка за заштитата на реките од штетните материи што се испуштаат во нив.
Минатиот септември поцрвенеа и водите на реката Вардар, а инспекторите тогаш открија дека загадувањето било предизвикано од хаварија во „Арцелор Митал“, кога истекол материјал измешан со железо и киселина директно во водите на Вардар, што предизвика помор на рибите.
Пред две години во црвено беа обоени и водите на реката Брегалница, кога од одводот од текстилната фабрика „Македонка“ директно во реката истекуваа непрочистени отпадни води, што резултира со загадување и на оваа река.

Ова се само некои од регистрираните случаи што предизвикале еколошки катастрофи за живиот свет во реките, но истовремено ваквите ситуации претставуваат и постојана и директна закана за подземните води и за почвата, бидејќи дел од тие води се користи за наводнување на земјоделските површини.
Загрижува фактот што има и еколошки инциденти во македонските реки што никој не ги пријавува, што дополнително ја зголемува заканата по здравјето на водниот жив свет, но и на луѓето.

– Потребно е локалните самоуправи, поточно локалните водоводни компании, да имаат точни информации кој сè е вклучен во одводните канали. На тој начин веднаш ќе се знае потенцијалниот загадувач на реките – вели Дарко Блинков од Државниот инспекторат за животна средина.

Коментирајќи го еколошкиот инцидент на реката Серава, тој појасни дека веднаш по пријавата на локалното население дека реката е обоена во црвено, на терен излегле повеќе инспекциски служби, но поради малиот обем на загадувањето водата брзо се исчистила и не било можно да бидат земени мостри за да се утврди точниот извор на загадувањето.

– Според разговорите направени со локалното население, постои сомневање дека загадувањето е можно да е направено од некој автолакерски сервис во околината. Инспекторите ќе го проверат целото течение на реката и деновиве би требало да се знае кој бил загадувачот. Сепак, ова е поспецифичен случај, бидејќи водата брзо се исчисти и не е слично како она што беше со „Арцелор Митал“, кога во водите на Вардар лесно можеа да се утврдат траги од загадувачките материи – појаснува Блинков.

Еколозите сметаат дека за да се спречуваат вакви појави, потребна е многу поголема ажурност на сите инспекциски служби.

– Разни субјекти што управуваат со погони воопшто не мислат на заштитата на околината, туку само како да остварат поголем профит. Загадувањата ни се случуваат најмногу поради нефункционирањето на инспекциските служби. Инспекторите повеќе се канцелариски работници, отколку што работат на терен – вели Васил Анастасовски, претседател на Друштвото за заштита на природата на Македонија.

Тој додава дека секоја општина има своја инспекциска служба и токму тие служби треба да имаат контрола кој сè на нивното подрачје би можел да загадува и веднаш да ги откриваат евентуалните загадувачи и соодветно да ги казнат.

– Кај нас повеќето институции задолжени за заштитата на природната средина не си ја вршат работата како што треба, туку постојано се оградуваат дека не се надлежни. Таков беше случајот со дивата платформа изградена во заштитеното подрачје на Матка, кога со месеци институциите си ја префрлаа надлежноста една на друга, иако сите имаа законска можност да постапуваат. Сè додека ни се случуваат такви работи, инциденти со загадувања ќе има и во иднина – нагласува Анастасовски.