Зошто Македонците не се Словени

2441
македонци

Славоскопјани, славобугари, славотитови-вардарци. За народ што тврди дека потекнува од големите говорници како Демостен и Аристотел, на нашите грчки пријатели многу им е тешко да смислат убедлива и понижувачка навреда кон нас. Секоја изведенка со префиксот „словенски“ се смета за крајно решение, што наедно е и единствениот аргумент. Сепак, токму словенските комунисти, заедно со еврејските банкари и со турската армија се оние што заговараат против Грците во измислениот, светски, антихеленски заговор. За оние што не го споменаа името „Македонија“ на социјалните медиуми само за да не бидат укорени од безимени, безлични, групи грчки воини на Интернет што постојано ги вметнуваат истите одговори во објавите, како обично изгледа грчкиот наратив ќе објасниме во продолжение.

Подготвил: Марио Христовски


Варварските словенски племиња се спуштиле од мочуриштата во Украина на Балканот во 7 век. Веројатно, тие биле вратени на пасошката контрола на сегашниот граничен премин Меџитлија – Ники или виделе дека Македонија воопшто не е населена, бидејќи денешните Грци целосно ја имаат избегнато словенската инвазија. Некако овие номадски Словени успеале да го потиснат Византиското Царство и да го наметнат нивниот јазик во поголем дел од Источна Европа, додека токму љубезните Грци им ја подариле нивната азбука. Ако се навратиме на Тито и на 1944 година и на овие нечовечни Словени, кои сега се комунисти што сакаат да ја узурпираат гордата „хеленска“ историја, тие беа претворени во Македонци од страна на Тито во обидот да се анектира грчка територија. И тие ќе ви покажат факти надвор од контекстот за да ви докажат! Евреите веројатно исто така се соучесници и во ова, но да одиме од една параноична заблуда по друга.

Кои се тогаш овие „Словени“?

Покрај таканаречените „узурпатори“ на грчката историја, дали сегашните Македонци навистина се резултат на подоцнежната колонизација на Балканот? Да почнеме од самиот збор „Словен“ и да објасниме подетално. Зборот „Словен“ во неговата сегашна форма потекнува од латинскиот збор „скалвус“, кој потекнува од византиско-грчкиот Σκλαβηνος (склабенос), кој во крајна линија е изменета форма на словенскиот термин словѣне (словен). „Словен“, според повеќето лингвисти, потекнува од зборот со словенски корен „слово“ што значи „збор“. Поинаку кажано, „Словените“ биле група што можела меѓу себе добро да се разбере, наспроти германските „немци“ чие име буквално значи „нем“. Дали племето на „народот што зборува“ некако успеал да ја оствари најголемата преселба на народите во историјата? Постојат детални записи за миграцијата на Англосаксонците, Норманите, Готите, Татарите, Монголите, Турците и другите племенски групи, но словенската миграција, која би требало да биде една од најголемите преселби во подоцнежната историја, практично не била забележана од страна на историчарите. Ова го поставува прашањето, дали словенската одредница може да е само една референца за постојното население што претрпело голема лингвистичка и политичка промена? Да го разгледаме ова подетално.

Историски докази

Првиот пат кога Источното Римско (Византиско) Царство се сретнало со Словените било за време на владеењето на Јустинијан во 6 век, а во меѓувреме група варвари (што не го зборувале грчкиот јазик) преку реката Дунав почнале постојано да го напаѓаат царството. Претходно, Балканот бил дом на Илирите, Грците, Македонците, Дакијците, Трибалите, Тракијците, Венетите, Сарматите, Скитите и на многу други. Според повеќето извори, племињата што го говореле словенскиот јазик живееле по текот на реката Дунав и ниеден извор не покажува доселување и токму напротив, во нив се нарекуваат „словенски соседи“. Всушност, византискиот летописец Теофилакт Симоката дава интересна перспектива за тоа што Словените (склабените) значеле за византиската администрација. Тој вели дека „што се однесува до Гетите, односно племињата на склабените, тие жестоко ги напаѓале тракиските области. Сепак, Гетите биле домородно тракиско племе што живеело во овие предели од памтивек. Јасно е дека тие не се преселиле од друго место, ниту претходно се викале Словени до овој момент во историјата. Едно можно објаснување е дека тие биле наречени Словени затоа што тие, заедно со другите племиња, почнале да се бунтуваат и почнале да го напаѓаат Византиското Царство. Уште поважно, ова име не се однесувало само за напаѓачите, туку наскоро почнало да се користи за локалното население што се бунтувало против царството. Некои словенски „племенски“ имиња, како Тимочани, Стримони, Карантани се домородни балкански имиња на народи, кои постоеле многу пред да се доселат Словените.
Така, значењето на склабените, базирано на Словените, добило бунтовна и навредлива конотација. Со други зборови, тие не станале Словени затоа што го зборувале словенскиот јазик. Всушност, некои словенски племенски имиња имаат ирански и нордиски корени. Иако некои групи можеби го користеле словенскиот јазик како „лингва франка“, клучниот факт е што сите тие станале Словени затоа што барем дел од вклучените групи го користеле сродниот термин Словени за да означат сродство. Кога локалните изолирани групи почнале да се здружува со групите што зборувале словенски јазик и почнале да формираат бунтовнички енклави наречени „склавини“, навредливиот термин станал синоним за антивизантиски бунтовник или варварите што пљачкосуваат. Како што истакнатиот археолог и историчар Флорин Курта вели за раните Словени во „Создавањето на Словените“, „наместо голема инвазија на Словени од мочуриштата во Припет, замислувам форма на групен идентитет, кој може да се нарече етничка припадност и се појавил како одговор на спроведувањето на еден градежен проект на Јустинијан по границата со Дунав и на Балканот. Со други зборови, Словените не се спуштиле од северот, туку станале Словени само во допир со римската граница“.

Идејата дека народот, кој бил наречен словенски во 6 и 7 век, во поголем дел, бил истиот народ што претходно постоел, добива поголема поддршка во сегашната научна заедница. „Сега генерално постои согласност дека народите што живееле на Балканот по словенските ’инвазии’, веројатно биле истите народи што тука живееле претходно, иако создавањето на новите политички групи и доселувањето на мал број доселеници ги натерало луѓето да се сметаат за различни од нивните соседи, вклучувајќи ги и Византијците“, наведува Т. Е. Грегори во книгата „Историја на Византија“. Италијанскиот антрополог Марио Алинеи тврди дека словенската преселба е полна со недоследности покажувајќи дека лингвистичките и археолошките докази упатуваат на најрано присуство на Балканот. Дури и табу-темата да се зборува за сегашните Македонци во книгите за Античките Македонци почна полека да се заборава. Во книгата „Со копјето на Филип Втори, Александар Велики и подемот и падот на Македонското Царство“, британскиот историчар дошол дури до заклучокот дека Античките Македонци можеби се словенски народ што „паднал под силно грчко влијание и ја прифатил нивната култура“.

Генетички докази

Верувам дека генетичките тестови за да се докаже нечие чисто потекло не само што се неверојатно кусогледи, туку и го потценуваат разумот. Сепак, некои од најголемите Македонци во историјата биле делумно Македонци или воопшто не биле етнички Македонци. Многу Власи и Евреи што се бореле за независноста на Македонија се еднакво Македонци колку што сме и ние. Но бидејќи ова е играта на расни идентитети што сме принудени да ја играме, сепак мораме да се браниме самите. Современите истражувања открија грешки во користењето таков пристап за да се објасни нашето „словенско“ потекло. Во обидот да се утврди татковината на Словените, генетичарите изолирале посебна хаплогрупа, поточно група слични варијации во ДНК, за да претставува „словенски ген“. Наречена хаплогрупа Р1а, таа природно покажувала највисока застапеност во Полска, Украина и во Белорусија, односно во просек од 65 до 70 отсто застапеност кај населението. Во Јужен Балкан, застапеноста кај народите во просек изнесувала околу 15 отсто што ни одблизу не е доволно за да се докаже некаква масовна преселба. Уште поконтроверзно за теоријата за словенската преселба е дека некои скандинавски држави покажуваат поголема застапеност, од околу 30 отсто, за разлика од народите во Јужен Балкан. Исто така, една хаплогрупа, која е најдефинирачка хаплогрупа за регионот, поточно хаплогрупата И2, се нарекува уште и „јужно протоевропска“. Ова не е изненадување. Сегашните Македонци се разликуваат дури и антрополошки од таканаречените Словени, опишани како високи и со црвеникаво-руса коса што е повеќе карактеристично за Централна Европа.
Сепак, ако се разгледуваат истите примарни извори и да се смисли теорија на голема преселба, мораме да ја поврземе таа идеја со нејзиниот логичен заклучок. Таканаречените Словени, ако биле дел од некоја голема преселба, стигнале до јужната грчка област Пелопонез, што значи дека Грците се исто така делумно Словени. Не беше случајно тоа што германскиот историчар и лингвист Макс Вазмер во неговата книга од 1900-тите, откри дека имало над 1.300 словенски имиња на топоними низ Грција. Така, нашите грчки пријатели имаат голема „недоумица“ пред нив, или словенските инвазии и напади не биле дел од големата преселба или во спротивно поголемиот дел од Балканот ќе беше изложен на нивното влијание. Но повторно, ако албанските говорители во регионот на Атика магично можат да станат потомци на Античките Хелени со тоа што зборуваат грчки, „бегањето од реалноста“ изгледа дека е резервен одговор за некои грчки националисти.

Културни докази

Голема лакрдија денес е што археолозите и историчарите одат дури до далечните региони на Пакистан за да бараат остатоци од Античките Македонци, додека целосно го избегнуваат изобилството од информации што нашата култура го нуди. Самото јадро на античка Македонија е дел од нашиот национален идентитет со векови. Во Костур, од каде што потекнуваат македонските кралеви, сè уште гордо се зборува на македонски јазик. Преубавиот Воден, за кој кружат гласини дека бил првиот главен град на Македонија, има митска поврзаност со кралот Пердика за кој се зборува во делата на браќата Миладиновци во средината на 19 век. Пела, престолнината на македонската држава и градот каде што Александар ги направил првите чекори, е родното место на современиот македонски јазик преку Крсте Петков Мисирков, кој токму таму бил роден. Листата е долга. Нашите цркви се украсени со македонското сонце уште од 19 век што е повеќе од еден век пред Грција да го „открие“. Нашето национално животно е лавот уште од антиката што може да се забележи на нашиот грб најрано во 1314 година. Не само што Грција никогаш не одлучи да го узурпира овој инаку очигледен симбол за Македонците, туку додека таканаречените Словени да пристигнат на Балканот, лавот одамна бил изумрен во Македонија. Во нашите песни и фолклорот, кои порано ги изведувале нашите неписмени селани, се споменуваат Александар, Филип, Олимпија, Каран, Персеј и многу други. Во 1867 година, еден патувачки еврејски трговец (дишете длабоко, станува збор за Златна зора) бил зачуден кога слушнал како браќата Хаџи-Секов пееле за кралот Каран, митскиот, иако непознат прв крал на Македонија. Кога ги прашал од каде ја знаеле таа песна, тие одговориле дека ја научиле од нивниот дедо! Дури и нашиот прв устав, од Кресненското востание во 1878 година, експлицитно упатува на Александар Велики во неговата преамбула. Пркосејќи ѝ на современата наука, нашите неуки селани исто така знаеле дека Александар починал од убод на комарец многу пред британскиот истражувач Роналд Рос да ја претстави оваа теорија во 1878 година, и тоа околу 100 години пред да биде потврдено дека комарците пренесуваат маларија. За сето ова богато културно наследство јасно не постои ниту една песна или фолклорна традиција во која детално се опишува нашата наводна преселба од зад Карпатите.

Лингвистички докази

Како Македонци ние малку губиме ако заклучиме дека навистина го зборуваме словенскиот јазик. Многу нации денес зборуваат целосно поинаков јазик од оној во антиката. Но многу малку нашиот јазик и јазикот на нашите предци бил соодветно проучуван. Сепак, поради тоа што сме „Словени“, веднаш ни е одземено правото да одлучуваме. Како и да е, нашиот јазик покажува одреден континуитет меѓу денешните и Античките Македонци.
Бригите, предците што се заслужни за етногенезата на македонскиот народ, имаат племенско име што е слично на словенскиот корен на зборот БРЕГ што значи „рид“ и што е соодветен опис за некој што живее на ридовите во античка Македонија.
Името на пајонскиот град Стоби, кој сега е археолошко наоѓалиште во денешна Македонија, води потекло од денешниот македонски збор СТОЛБ и веројатно означувало присуство на некаков верски храм таму.
Иако Грците можеби тврдат дека вистинското име на Воден е Едеса, античката историја покажува дека првичното име е ΒΕΔΥ (Веду), што значи „воден“ и е јасен сроден термин што покажува неверојатен континуитет со современото име на градот Воден.
Германскиот лингвист Хајнрих Чинер во неговиот лексикон за античкиот македонски јазик дефинираше дека името на градот Пела е сродно со современиот термин ПОЛЕ.
Името на македонско-пајонскиот град Билазора, во кој се наоѓа последниот храм на античките македонски кралеви, потекнува од словенските корени БѣЛъ и ЗОРА што значат „бела зора“. Античкиот македонски град Гортунија, кој нема никаква грчка етимологија, е неверојатно сличен со протословенкиот корен ГОРДъ што значи „град“.
Денешните обични македонски зборови како ГЛАВА, ГРАНКА, ГУДЕ (свиња), ЗЕЛКА, исто така имаат корени од античкомакедонскиот јазик. Исто така постојат античкомакедонски зборови што не се присутни во македонскиот јазик, но се употребуваат во другите јазици што спаѓаат во пошироката балтичко-словенската јазична класификација. Словенските зборови што биле присутни во антиката исто така можат да се најдат и во илирскиот, тракискиот и дури и во Хомеровиот грчки јазик. Како пример може да се направи споредба со следната хипотетичка реченица формирана целосно од познати тракиски зборови и споредена со современиот македонски јазик:
тракиски – серде горд, ас бруза дадон зелкиа ана ѕвери оста;
македонски – сред град, јас брзо дадов зелка на ѕвер уста.

Што е со името Македонија?

Сетете се на синото цвеќе што се наоѓа во центарот на нашето сонце, кое е етничкиот симбол на Македонците со милениуми. Македонскиот и словенскиот корен на зборот афион е „макъ“. Не тврдам дека античките балкански народи го зборувале словенскиот јазик. Не се обидувам да тврдам дека го зборуваме истиот јазик како Античките Македонци, но тешко е да се игнорира присуството на балтословенските зборови на Балканот пред таканаречената голема словенска преселба на народите.
Но да не се изгубиме во контекстот. Можеме да разгледаме разни народи што денес имаат антички корени. Дали Египќаните станеле помалку Египќани кога биле изложени на арабизацијата во 7 век? Дали Мексиканците, кои речиси биле истребени низ историјата и кои сега се измешани со Шпанците и зборуваат речиси целосно шпански јазик, не водат потекло од Маите? Или Французите, кои потекнуваат од Галите што зборувале келтски јазик и имаат германски етноним, како резултат на нивната латинизација, не се Французи?
Но како Македонци, дури и ако признаеме (што е неточно) дека нашето име е грчко, дека нашите корени се мешани и дека нашите предци некогаш зборувале грчки, според каков објективен стандард што важи за сите нации, не треба да се сметаме за Македонци. Според кои стандарди треба да прифатиме да се нарекуваме „славомакедонци“ кога во светот не постојат „славочеси“ или „латински-французи“. Кога ќе сфатиме дека нашиот идентитет не е поразличен од оној на другите, двојниот стандард станува нешто пострашно, а тоа е културен геноцид. Ваквиот културен геноцид нема да успее, сè додека едно мало парче планинска земја, она што ни е сè во животот, останува да биде Македонија, а нејзиниот народ македонски.

(www.umdgenm.org)