Здружението на медицински сестри со осуда за нападот во КАРИЛ

383

Здружението на медицински сестри, техничари и акушерки на Македонија (ЗМСТАМ) најостро го осудува последниот физички напад, што се случи во Клиника за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ) над медицинската сестра, која била на своето работно место.

– Секој вид на закани и насилство врз медицинските сестри и здравствените работници го сметаме за недозволиво, пишува во соопштението од ЗМСТАМ.

Ова, како што пишуваат од Здржението, е еден од низата напади од револтирани пациенти и нивни блиски, кои им се случуваат на здравствените работници, особено на медицинските сестри кои се секогаш во непосредна близина до пациентот.

-Овој немил настан, неминовно бара итни и соодветни мерки на безбедност за медицинските сестри, останатите здравствени работници, а и на самите пациенти. Апелираме до сите релевантни фактори во општеството, за изнаоѓање безбедни средини и за пациентите и за здравствените работници, се додава во соопштението.

Како потписници на Декларација за „Стоп на насилство во здравството“, Здружението на медицински сестри, техничари и акушерки на Република Македонија ја поддржува заложбата на Министерството за здравство, за најитна соработка со Министерството за внатрешни работи, со цел да се обезбеди помош и заштита на здравствените работници на работните места од полициските службеници.