За место во кичевските градинки се чека и по две години

170
Детските градинки во Кичево недоволни за згрижување на сите деца

Порастот на градот, целодневниот ангажман на родителите и неинвестирањето во нови детски градинки, им создава големи главоболки на родителите со мали деца од Кичево, бидејќи останува проблемот за тоа каде да се згрижат малечките додека тие се на работа. Така е зашто во градот моментално работат само две детски градинки, поточно детската градинка „Олга Мицеска“ и градинката „Цветови“, клон на најстарата детска градинка во Кичево.
– Во нашиот град моментално располагаме со само две детски градинки и тоа најстарата детска градинка „Олга Мицеска“, отворена пред половина век, каде што можат да се згрижат 150 деца на возраст од 9 месеци до 6 години и детската градинка „Цветови“, клон на најстарата детска градинка отворена пред три децении, каде што можат да се згрижат 80 деца. Двете детски градинки заедно можат да згрижат 230 деца, што е далеку под потребите на градот за сместување деца до шестгодишна возраст – вели Садик Ахмети, директор на детската градинка „Олга Мицеска“.
Бидејќи капацитетот на градинките не ги задоволува потребите, повеќе брачни парови чекаат со месеци, па и со години за да дојдат на ред во некоја од постојните градинки.
– Проблемот со малиот капацитет на детските градинки не е нов, тоа е причината некои родители да чекаат подолг период, додека други брачни парови и не аплицираат, од причина што не знаат дали воопшто ќе дојдат на ред. Така, во моментов над 150 деца, што се евидентирани, чекаат за место во градинките. Но ќе повторам, нивниот број е далеку поголем, бидејќи некои родители поради неверување дека ќе дојдат на ред, не се ни интересираат за сместување на своите деца, а со тоа се изразува реалната потреба на градот за градинки. Дека проблемот е многу сериозен зборува и фактот што одредени парови за место во градинките чекале дури и по две години – додава директорот Ахмети.

Бидејќи во програмата на Владата не беше влезена изградба на детска градинка во Кичево, во вистински момент пристигна проектот за изградба на детска градинка од Турската агенција за меѓународна соработка и развој (ТИКА).
– Бидејќи не се реализира надежта на родителите за изградба на детска градинка со владини средства, со свој проект се наметна Турската агенција за меѓународна соработка и развој (ТИКА). Локацијата за изградба на детската градинка беше одбрана во дворот на основното училиште во населбата Пашино, и по една година од почетокот на градбата, градинката е целосно завршена. До почетокот на наредната учебна година во септември, во неа ќе бидат згрижени 120 деца, што во значителна мера ќе го намали дефицитот од места во градинките, а неа ќе ја опслужуваат 25 квалификувани лица – заврши Ахмети.
Упатените додаваат дека и во некои населби што се далеку од средиштето на градот, градинки со помал капацитет би биле добредојдени, за и таму родителите да го решат проблемот со сместување на своите деца.