За едни учебната година започна, за други не

310
Фото: Игор Бансколиев

Најреволтирани беа родителите на првачињата, кои коментираа дека не е во ред што со штрајкот им се скратува радоста на првачињата на првиот училиштен ден

Новата учебна година во едни училишта започна, односно вчера беа прифаќани првачињата и другите ученици, а во други наставата започнува денеска. Најавите за предупредувачкиот штрајк на наставниците ги збунија и налутија родителите, кои до последен момент чекаа инструкции дали да ги носат децата на училиште или не. Најреволтирани беа родителите на првачињата, кои коментираа дека не е во ред што со штрајкот им се скратува радоста на првачињата на првиот училиштен ден.

Фото: Игор Бансколиев

Имено, наставници што се членови на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) вчера не примаа деца на настава, со што го искажаа своето незадоволство поради ниските плати што ги земаат. Со нив се солидаризирале и некои нивни колеги што не се членови на синдикатот. Но не во сите училишта. Во училиштето „Александар Македонски“ во Ново Лисиче, на пример, имаше прием на првачиња, и тоа со директорката на влезот.

– Кај нас, во „Димо Хаџи Димов“, имаше кратка приредба за првачињата, директорката најави уште во 7.30 часот да ги донесеме децата и дека ќе им започне наставата. Оваа недела ќе имаат по два часа. За големата ќерка, им рекле да појдат од 12.30 часот, таа е седмо одделение. Ќе видиме како ќе биде во наредните денови – вели мајка на ученички во ова училиште.

Сепак, претседателот на СОНК, Јаким Неделков, го оцени како успешен предупредувачкиот штрајк на просветните работници. Тој вели дека немало притисоци, иако биле очекувани.
– Во штрајк беа и вработени во училиштата што не се наши членови, а кои покажаа солидарност. Имаше и наставници што ги прифаќаа децата што беа дојдени. Очекувам надлежните институции сега да го направат следниот чекор, бидејќи е неопходно да дојдеме до заеднички прифатливо решение, кое ќе го врати достоинството на наставничката професија – рече Неделков.
Тој истакна дека во октомври или во ноември, СОНК ќе организира генерален штрајк ако не успеат да се договорат со Владата.

– Нема да има настава, наставниците ќе бидат во штрајк. Немаме намера да бидеме актуелни само деновиве, туку ќе се бориме докрај за нашите барања. Ова го правиме затоа што е недозволиво наставник, односно професор, да зема плата од 21.000 или 22.000 денари месечно. Бараме таа да се зголеми за 25 отсто – додава Неделков.
Министерот за образование и наука Арбер Адеми вчера беше во посета на две училишта во кои не се штрајкуваше, односно беа прифаќани деца и имаше свечен прием на првачиња.
– Не знам во колку училишта се штрајкува, но во добар дел новата учебна година започна нормално. Нема причина за штрајк, Владата работи на подобрување на статусот на наставниците. Им посакувам успех на учениците и на наставниците во претстојната учебна година – изјави Адеми.


Карпош го бојкотираше штрајкот

Со свечена церемонија, вчера биле пречекани сите првачиња на територија на општината Карпош. На учениците во „Петар Поп Арсов“, освен родителите и наставниците, добредојде им посака и градоначалникот Стефан Богоев.
– Ова е првиот училиштен ден за оваа година, која, искрено се надевам, ќе биде исполнета со успеси и среќни моменти за секого од вас. Оттука започнуваат најубавите спомени, од училишните клупи, првите успешни резултати ќе ги донесете од своето училиште и ќе ги израдувате вашите родители. Овој ден е посебен за секој родител, се надевам дека за неколку години и јас ќе го почувствувам вашето искуство – рече Богоев.


Во четири училишта во општината Кичево се одвиваше наставата

И покрај тоа што вчераутро ги примија првачињата, сепак повеќето основни училишта во општината Кичево се приклучија кон еднодневниот предупредувачки штрајк. Истото тоа се случи и во двете средни училишта, во кои вчераутро од страна на професорите беа примени новите средношколци и од осум часот вработените се приклучија кон еднодневниот штрајк. Само во четири основни училишта во општината наставата се одвиваше непречено и вработените за цело време беа на своите работни места, вклучени во наставно-образовниот процес.
– Во нашата општина само во четири училишта вработените не беа во штрајк и во нив наставата се одвиваше според програмата. Наставата се одвиваше во следните основни училишта: „Наим Фрашери“ од селото Јагол Доленци, „Милтон Гури“ од селото Стрелци, „Реџо Рушити Зајази“ од селото Зајас и во „Д-р Владимир Полежиноски“ од Кичево. Во другите општински училишта вработените во основните и во средните училишта ги примија новозапишаните првачиња и средношколци и од осум часот се приклучија на еднодневниот предупредувачки штрајк. Од утре наставата во сите основни и средни училишта ќе се одвива според предвидената програма – истакна вчера Саније Садику, одговорна за образование во општината Кичево.
Инаку, традиционално, на првиот училиштен ден повеќето училишта во општината ги посети градоначалникот Фатмир Дехари, кој на вработените и на учениците им посака успешна работа, се интересираше за условите за работа и за нивната кадровска екипираност. З.А.