Засилени сообраќајни контроли во Гостивар, за 60 минути напишани 60 казни

91

Само за еден час во денешната акциска контрола на сообраќајната полиција во Гостивар изречени се 60 санкции, пред се за нерегистрирани возила и возење без возачка дозвола, соопшти портпаролот на МВР Тони Ангеловски на денешната прес-конференција во овој град.

Тој истакна дека покрај во Скопје, полицијата почнала со спроведување на засилени акциски сообраќајни контроли и во другите градови.

– Се санкционираат сите сообраќајни прекршоци, а особено оние кои што се најчеста причина за сообраќајни незгоди со тешки последици, како што се управувањето на возило под дејство на алкохол, возење со брзина над дозволената, недавањето првенство на минување на возила и пешаци,а се санкционираат и возачите на мотори кои не ги почитуваат правилата – рече Ангеловски.

Тој апелираше до граѓаните на Гостивар да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и порача дека акциските контроли ќе продолжат и во наредните денови.

Целосните податоци од денешната акциска контрола во градот ќе бидат презентирани утре.