Започна протестот на лекарите

111

Медицинските работници денеска ја искористија получасовната пауза да излезат на протест во Клиничкиот центар против насилството кое им се случува со години наназад, а е зачестено во изминатата година од страна на пациентите и нивните роднини.

Извршниот одбор на Синдикатот на Клинички центар го повика членството масовно да се придружи на овој протест. Најавено е и еднолично свирење со сирена преку кое вработените на Итната медицинска помош ќе изразат поддршка на протестот „Стоп за насилство врз медицинските работници“.

Како што информираа од Синдикатот, насилството врз докторите и медицинските сестри е рецидив од минатото, но актуелниот министер Венко Филипче не направил ништо за спречување на насилството.

Во изминатите девет месеци здравствените работници се соочиле со вкупно 15 физички напади, од кои два минатата недела. Едниот напад се случи на клиниката во Тетово каде двајца браќа физички нападнаа доктор од кожното одделение, како и нападот во здравствената установа во Драчево каде беше нападната 60-годишна медицинска сестра.

Напад врз медицинските работници се случи и во градската болница Св. Наум Охридски каде роднини на пациент физички го нападнале медицинскиот персонал по што беа приведени.

На протестот е најавено и присуство на министерот Венко Филипче.