Западнонилската треска не ја тресе Македонија

Здравствените власти во земјава, во изминатиов период, заклучно со 15-ти овој месец, не регистрирале ниту еден случај на заболени од западнонилска треска, која однесе десетици животи во регионот и во Европа и која, според упатените, забрзано се шири

Десетици смртни случаи од западнонилска треска, болест што ја пренесуваат комарци, имаше во изминатиов период во најблиското опкружување на Македонија, при што најпогодени беа Србија, Грција, Италија… Сепак, здравствените власти во земјава, во изминатиов период, заклучно со 15-ти овој месец, не регистрирале ниту еден случај на болеста, која, според упатените, забрзано се шири.

Имено, изминатата недела во Србија од вирусот починале шест лица, со што вкупниот број на жртви од западнонилска треска годинава достигна 21 лице. До 28 август, во Србија се регистрирани 213 случаи на заболени, и тоа најмногу во главниот град, Белград.

Во Грција пак, пет лица ги загубиле животите како последица на ова заболување. Вкупниот број на смртни случаи годинава достигна 16, од вкупно 130 заболени. Западнонилската треска е проширена на полуостровот Пелопонез, во Атина и во Солун.

Од почетокот на јуни до 23 август, во Италија имало десет смртни случаи, а во истиот тој период се потврдени 255 случаи на заразени со западнонилска треска. Кај повеќето од заболените болеста влијаела на нервниот систем на инфицираните. Од 255 случаи, 103 биле тешки. Минатата година имало 55 заразени, од кои 27 тешко заболени.

Освен во овие земји, заразени со вирусот има и во Романија и во Косово, а постојат сомневања дека болеста стигнала и во Босна и Херцеговина.

Надлежните претпоставуваат дека вирусот ќе продолжи да се шири, но може да остане незабележан, бидејќи, главно, луѓето ја поминуваат болеста без поголеми проблеми.
Околу 80 проценти од заболените со западнонилска треска немаат симптоми, а другите знаци на болеста се исти како кај грипот, болка, замор и отечени лимфни јазли.
Во Македонија, од 2011 до 2015 година, пријавени се вкупно 22 случаи на западнонилска треска, од кои три завршиле фатално.

– Во периодот 2016-2017 година, како и оваа година, заклучно со 15-ти месецов, нема регистрирано нови потврдени случаи на западнонилска треска кај луѓето – се вели во официјалното соопштение објавено на интернет-страницата на Институтот за јавно здравје.

Западнонилската треска е заболување што го пренесуваат комарци. Ова заболување кај помалку од еден процент од инфекциите кај луѓето може да се манифестира со тешки невролошки симптоми. За да се превенираат убоди од комарци, надлежните препорачуваат граѓаните да носат соодветна облека, која ќе остава што помалку откриени делови од телото. Исто така, се препорачува користење заштитни средства во облик на лосион, стик, аеросол-спреј или крем за кожата и облеката што ги одбиваат комарците.