Закројувања, прекројувања… до кога?!

1871
Фото: Игор Бансколиев

По интензивирањето на изјавите за прекројувања на границите во регионов, аналитичарите оценуваат дека тие се само политичка пропаганда, која единствено служи за подгревање страв кај обичниот народ заради создавање клима во која одредени центри на моќ непречено ќе можат да ги реализираат своите проекти

Се затвори или се извади од фиока повторно сценариото за ново прекројување на границите на Балканот, а со тоа и на Македонија? Зошто со потпишувањето на договорот од Нивици повторно се совпаднаа и се реактуализираа прашањата за нескротливиот потенцијал на Балканот за уривање на постојните држави, прекројувања на границите и создавање нови? Кој повторно пали и гаси безбедносни жаришта во регионот и сака да создаде претстава дека постојат и агресивни воини и иредентисти, но и миротворци и нобеловци? Оваа дилема е особено актуелна во регионалната и во домашната јавност, откога неодамна високи регионални државници дадоа свои сериозни изјави во јавноста на оваа тема.
Хронолошки гледано наназад, најсвежа е изјавата на грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕијас, кој коментирајќи го договорот од Нивици, ексклузивно за грчките новинари изјави дека ова за нив сега е „значително подобра опција“ од можноста Македонија „да стане заедница, доминирана од Турција или да се распадне и да им го отвори патот на голема Албанија и голема Бугарија “.
Според Коѕијас, Турција се обидува да го претвори албанскиот национализам во исламски фундаментализам и, според нивните чувствителни безбедносни информации, да создаде база за обука исламски милитанти во близината на граничните премини. Издвојувајќи го проектот за голема Бугарија и за голема Албанија, грчкиот министер за надворешни работи експлицитно потврди за можните сценарија, кои тие како Влада со исклучително голема сериозност ги разгледувале и ги анализирале. Ваквиот коментар на Коѕијас следуваше по обвинувањата на поранешниот заменик-премиер и министер за финансии на Грција, Евангелос Венизелос, кој обвини дека владата на Ципрас нема ’рбет и не го чувствува исламскиот фундаментализам на грчките граници.
Скоро симултано неделава слична изјава даде и заменик-претседателот на владејачката Демократска партија на Косово (ПДК), Реџеп Хоти, кој изјави дека поделбата на Косово не е опција, но доколку би дошло до такво нешто тоа не може да се случи без Косово да ги земе Санџак и Прешевската Долина од јужна Србија, а се разбира дека таквото нешто би се прелеало и во северниот и во западниот дел на Република Македонија.

Хоти истакнува дека доколку ова сценарио се случи, тогаш би требало и Војводина да се отцепи од Србија.
– Косово и Албанците имаат друга геостратегиска позиција. Ги имаат САД и НАТО. Ја имаат поддршката од северна Македонија. Косово е признаено од сите соседни држави освен од Србија, па токму затоа властите во Приштина досега повеќепати ја имаат отфрлено оваа опција – изјавил Хоти.
Претходно, поранешниот косовскиот министер за внатрешни работи, Бајрам Реџепи, во изјава за „Блиц“ вели дека е против одбивањето поголема автономија за северот на Косово или поделба на земјата бидејќи со тоа веднаш би се отворил вентилотот за Прешевска Долина, Македонија и за Црна Гора.
Во сублимиран заклучок домашните и регионалните аналитичари со кои се консултиравме тврдат дека овие изјави се за да се создаде одредена геополитичка клима, која е во функција на одредени центри на моќ.

Фото: Игор Бансколиев

Политичкиот аналитичар Милан Стефаноски е со смирувачки тонови, но сепак претпазлив.
– Мислам дека засега нема потреба од каков било страв дека на Балканот би се прекројувале границите, односно дека Македонија е во некаква специјална немила ситуација, со која може да се дојде до распаѓање на државата. Како аргумент на мојата теза може да се искористат и изјавите за неменувањето на границите на Балканот на крупните светски играчи, кои беа дадени во минатата година (Доналд Трамп, Владимир Путин и Ангела Меркел) и кои имаа исто сиже дека тоа никогаш нема да се случи. Меѓународната заедница нема да го дозволи тоа. И Македонија си има свои безбедносни апарати, кои се грижат за земјата без разлика какви чекори презема нашата дипломатија – вели Стефаноски.
Аналитичарот е недвосмислено убеден дека во време кога сите погледи се вперени кон евроатлантските интеграции, прекројувањето на границите и распадот на државата е потрошена идеја на една застарена политичка доктрина.
Слично размислува и белградскиот аналитичар Александар Бечиќ, кој додава дека со ваквите изјави политичарите се обидуваат да си ја дотераат водата до својата воденица и на тој начин заплашувајќи ги соседите да си ги истуркаат своите интереси.
Според него конкретно, политичарите од Приштина и од другите центри на моќ, заинтересирани за доминација на Балканот, кои ги лиферуваат овие тези, треба повеќе да се грижат за просперитет на регионот, а да не се обидуваат да заговараат промена на граници бидејќи историјата покажала дека во тоа нема никаков просперитет, ниту економски, ниту политички.


Сервер: Останаа уште две битни прашања поврзани со војната и со мирот на Балканот

Диоптријата на американскиот политички аналитичар Даниел Сервер идентификува инстант став дека договорот што Македонија го потпиша со Грција не е само голем исчекор напред за двете земји, туку и за целиот Балкан.
Тој во својата изјава вели дека ако договорот помине и во двата парламента и на референдумот во Македонија „тоа ќе ја подобри стабилноста и ќе го направи регионот попривлечен за странски инвеститори“.
– Останаа уште две битни прашања поврзани со војната и со мирот на Балканот, тоа е нормализација на односите помеѓу Белград и Приштина и напорите да се создаде функционална држава во Босна. Вие сте многу поблиску до крајот на процесот за воспоставување мир во регионот, отколку што сте на неговиот почеток – изјавил Сервер.
Инаку, Даниел Сервер е професор на универзитетот „Џон Хопкинс“ во Вашингтон и експерт за состојбите на Балканот.