Законот за јазици не го помина филтерот на Венецијанската комисија

160

Во официјалното соопштение, комисијата ги поздравува македонските власти што имаат волја да ја подобрат јазичната состојба на заедниците, но предупредува за посебно широката примена на албанскиот јазик

Венецијанската комисија вторпат укажа на нефункционалноста од употребата на Законот за јазиците и ги повика сите засегнати страни да го преиспитаат законот и да се напуштат одредбите за двојазичност, особено во судските постапки. Правните експерти од Советот на Европа подвлекоа дека во споредба со законот од 2008 година, новиот закон значително ја проширува употребата на албанскиот јазик и во некои случаи оди подалеку од европските стандарди поставени со Конвенцијата за заштита на малцинствата и Европската повелба за малцинските и регионалните јазици.
Комисијата во официјалното соопштение ги поздравува македонските власти што имаат волја да ја подобрат јазичната состојба на заедниците, но предупредува за посебно широката примена на албанскиот јазик.

– Во одредени области новиот закон може да оди премногу далеку со наметнување, што може да се покаже како нереална правна обврска врз јавните институции, особено во врска со употребата на албански во судска постапка, заедно со тешки санкции во случај на непочитување и можност за поврат на судските решенија ако нема превод и толкување во текот на постапката. Овој пристап би можел значително да го забави функционирањето на целото правосудство, ризикувајќи сериозни нарушувања на правото на фер судење, загарантирано со Европската конвенција за човекови права – пишува во соопштението.

Венецијанската комисија препорачува во судските постапки да не се користи двојазичност и употребата на албанскиот јазик да се ограничи на писмена службена комуникација. Се препорачува и високите парични санкции, кои ги налага законот, доколку не се испочитува, да се одложат, сѐ додека законот не се измени за да се обезбеди доволно правна јасност.
Коалициските партнери, пак, различно ги толкуваат препораките на Венецијанската комисија. Премиерот Зоран Заев најави дека власта ќе ги испочитува укажувањата на Венецијанската комисија за Законот за употребата на јазиците.
– Ќе се даде конкретно ревидирање од надлежното Министерство за правда, заедно со експертите што работат, на прецизен начин како што тоа Венецијанската комисија го укажува и потоа ќе се прати во Парламентот за негово донесување. Нема да дозволиме да бидеме наивни никој од нас да отвораме повторно некои работи што би можеле да нѐ поделат – изјави Заев.

И вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска го повтори ставот дека мислењето на Венецијанската комисија ќе се почитува. Таа додава дека ова не е прашање што повторно треба да ја дели државата.
Вицепремиерот Бујар Османи, пак, смета дека секое поместување еднострано на балансот во македонско-албанските односи што се постигнати со многу труд ќе отвори магичен круг и спирала што ќе нѐ помести од патот по кој сме тргнале. Коментирајќи ги одлуките на Венецијанската комисија, Османи посочи дека колку што е важен јазикот, толку ни е важна и правната држава.

– Го споделуваме ставот дека не смее ниту еден предмет да биде жртва на неизградени капацитети. Фокусот треба да ни биде во забрзана изградба на капацитети и во судството и во администрацијата, притоа да најдеме начин како ниту еден предмет, од кој и да е тип, да не биде жртва на неизградени капацитети во судство. По однос на банкнотите ќе треба повторно да седнеме инклузивно и да видиме како да се спроведе овој заклучок на Венецијанската комисија – рече Османи.

Според него, сите забелешки на Венецијанската комисија треба да се имплементираат во акциските планови и во создавањето капацитети.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ вчера најави дека ќе поднесе амандмани на Законот за јазиците за тој да стане уставен. Нејзиниот лидер Христијан Мицкоски очекува дека власта ќе ги поддржи доколку навистина се залага за правда.

– Немаме политика на принципи од власта, туку „купи ден, продај“ политика. Имаме коцкање со државните и националните интереси, и не е само така во надворешните односи, туку и во секој друг поглед. Владата на Зоран Заев практично стана заложник на своите неуспеси и кусогледа популистичка политика. Без многу голема промисленост, туку само со една цел и интерес, како да се дојде до повеќе пари и до повеќе лични бизниси, а сѐ друго може да чека – истакна Мицкоски.
Законот за употреба на јазиците беше донесен во јануари годинава. Собранието го гласаше по вторпат, откако претходната година претседателот Ѓорге Иванов одби да го потпише указот. 

Фото: Игор Бансколиев