Заедничко царинење меѓу Македонија и Србија, со едно застанување на Табановце

78
Фото: Игор Бансколиев

Со почетокот на август почнува и практичната примена на заедничкото царинење меѓу Македонија и Србија.

Според надлежните, договорот е потпишан меѓу двете држави и тој со својата примена ќе го олесни и поминувањето на патниците, но и на транспортерите.
Во информацијата се појаснува дека концептот на заеднички гранични контроли и гранични контроли со едно застанување значи поедноставени постапки што се спроведуваат на еден заеднички граничен премин, при минимален број застанувања, по можност единствено застанување, преку кое контролата на патниците, стоката и нивните превозни средства се врши само еднаш, на едно место.
Според надлежните, во примената на овој концепт од исклучително значење е користењето на еден заеднички објект на граничниот премин каде што се вршат граничните формалности.

– Врз основа на постојните искуства што се применуваат низ светот, како и практиката што постои, ваквиот вид контроли, покрај тоа што го забрзуваат и го олеснуваат протокот на лица и стоки, имаат и позитивно влијание врз намалувањето на трошоците за преминување преку државната граница – сметаат од Царинската управа на Република Македонија.

Заедничкото царинење е и едно од барањата на транспортерите, кои сметаат дека со ова ќе се олесни процесот на транспортот и превозот на стоки.
– Она што за превозникот значи забрзување на движењето на возилата директно влијае и на сите правни субјекти што тргуваат со стоки и во увозната и во извозната постапка, а тоа се одразува и врз ефикасноста и врз нивните работи во државата. Со еден збор, ова значи влијание што ќе има позитивен ефект врз целото стопанство на нашата држава – истакнуваат транспортерите.