Заев: Штитејќи го културното наследство го јакнеме нашиот идентитет

567

Штитејќи го културното наследство, го јакнеме нашиот идентитет, порача денеска од Галичник премиерот Зоран Заев, кој е покровител на годинашната манифестација „Галичка свадба“.

Пред присутните, Заев истакна дека културното наследство е нашата гордост и оти негувањето на традицијата на Галичката свадба е силен показател дека сме на вистинскиот пат. 

–  Пред само неколку дена во Брисел бев посебно горд на поканата којашто ја добивме за членство во НАТО и светлата иднина која нè очекува. Денес сум посебно горд на нашето минато, на нашето културно историско наследство кое го славиме со векови наназад и така ќе продолжиме и во иднина – рече Заев.

Потсети дека Галичката свадба повеќе од четири децении како културна манифестација ги негува свадбарските обичаи, изворните песни и ора и надалеку познатата галичка носија и најави дека Владата ќе продолжи да ја негува македонската традиција. 

– Ја градиме Македонија како едно општество, како едно семејство за сите. Тоа е промената на трајната придобивка која ќе ја направи Македонија земја со која сите ќе се гордееме – рече македонскиот премиер.

Галичката свадба годинава се одржува по 45 пат. Младенци се Тања Лепческа со потекло од Галичник и Златко Димовски кои се венчаа во храмот „Св. Апостол Петар и Павле“.

Посетителите имаа можност да проследат над 30 обичаи кои што се изведуваат за време на свадбарските денови. Покрај младенците учествуваа и околу 100 статисти облечени во автентични галички носии, културно уметничко друштво со околу 30 ученици, коњица и коњи со техничката поддршка, односно вкупно околу 250 луѓе.

Галичката свадба од Агенцијата за поддршка на туризмот е прогласена за најуспешна туристичка манифестација за минатата година, а од Њујорк Тајмс и Нешнл Џиографик за најтрадиционален свадбен фестивал во Европа.