Заев: Судии, обвинители, поротници – ослободете се!

329

Сите предмети ќе имаат правна разрешница врз основа на фер и траспарентни постапки. На обвинетите ќе им се суди врз база на докази. Нема амнестија ниту за стари, ниту за нови случаи. Секој што го прекршил законот ќе одговара. Нашиот народ е жеден за правда, за брза и ефикасна правда – порача лидерот на СДСМ, Зоран Заев, пред судовите во Скопје на „Маршот за правда“, којшто вечерва го организираше партијата.

Според него, парламентот ги донесе законите за судски совет за судовите, Законот за јавното обвинителсво и цела лепеза на закони од правосудството и сега тоа е на потег. Според Заев, Собранието вчера отвори ново поглавје во реформите на правосудството.

– Со овој закон е гарантирана судска разрешница на сите судски постапки започнати и иницирани од СЈО, сите предмети ќе имаат правна разрешница врз основа на фер и траспарентни постапки. На обвинетите ќе им се суди врз база на докази. Нема амнестија ниту за стари, ниту за нови случаи. Секој што го прекршил законот ќе одговара. Нашиот народ е жеден за правда, за брза и ефикасна правда – порача Заев.

Според Заев, со овој закон се гарантира дека политичарите нема да може да бираат и менуваат обвинители, ниту да одлучуваат за иднината на предметите.

– Нема веќе тефтерчиња, а тие што се виновни за старите тефтери ќе одговараат. Тоа е важно за правдата, за државата и за еднаквоста на сите граѓани пред законите. Покажавме пред граѓаните и пред меѓународните партнери дека имаме демократски капацитет да создадеме силни и независни институции. Забрзано чекориме кон интеграции во ЕУ и затоа денеска дополнително се радуваме. На ред е ЕУ и нејзините земји-членки. Ние нашите ветувања ги исполнуваме, ред е ЕУ да го исполни ветувањето и конечно да ги отвори првите поглавја. Ветивме интеграција во ЕУ и НАТО, подбра живот, ветивме правда и правична држава. ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски се поразени на темата правда – успеавме да обезбедиме двотретинско мнозинство – рече Заев.

Заев порача сите да се охрабрат.

– Судии, обвинители, поротници – ослободете се, ниту Мицкоски, ниту ВМРО-ДПМНЕ, ниту нивните инсталации не ви можат ништо. Не сме задоволни од испорачаното во однос на правната држава, затоа реШивме дека ни е потребно правосудство кое ќе ја донесе правдата, а не да застарува предмети. Можеше да има и побрза правда, но требаше Заев да се јавува по телефони и да нарачува пресуди. Но, за тоа ли се боревме? Ние го ослободивме судството, но будно го следиме. Денеска чекориме затоа што сме жедни, затоа што сакаме правда во нашата земја. Правдата доаѓа бавно, но доаѓа, ако ги ослободиме обвинителите и судиите да судат подеднакво за сите, тоа не значи дека можат да забегаат во друга крајност. Законодавството е донесено, нема да дозволиме, овде сме со будното око да следиме и да чекаме правна разрешница на сите случаи. Ни треба правна држава, ни треба закон еднаков на сите – рече лидерот на СДСМ.

Експремиерот вели дека не смее и нема да се мешаат во судската власт, но дека имаат обврска да бараат судската власт да се менува.

– Ќе го бараме тоа постојано се додека граѓаните не добијат правда. Северна Македонија не смее да биде заложник на лични криминални и партиски интереси кои се уште го држат судството во заложништво – додаде тој.