Заев се сретна со постојаната претставничка на УНДП, Сахакјан

106

Претседателот на Владата, Зоран Заев, ја прими постојаната претставничка на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), Нарине Сахакјан, кои ја оценија досегашната соработка како плодна и успешна и разменија мислење за тековните активности и остварување трансформациски промени во креирањето на јавните политики.

На состанокот беше разговарано за тековните и за идните активности на УНДП со фокус на главните предизвици на локалниот развој и проектот „Градење на општинските капацитети за имплементација на проекти“, спроведувани од УНДП за финансирање изработка на техничка документација во области како хидротехнички проекти, системи за дистрибуција на гас, јавни објекти, бизнис и индустриски и други инфраструктурни проекти.

Се дискутира и беа истакнати поддршката и соработката на УНДП во изработката на Националната стратегија за развој на земјата, при што беше констатирано дека продолжуваат посветеноста и имплементацијата на документот „Рамка за соработка на одржлив развој на Обединетите нации“ за периодот 2021-2025 година како стратешка програмска рамка за активностите на Обединетите нации во нашата држава, во насока на постигнување на целите за одржлив развој и Агендата 2030 на ОН.

Беа поздравени меѓусебната соработка и отвореноста на Владата за унапредување на соработката, особено во проекти за побрз и одржлив развој на економијата, како и инвестирање во капитални проекти, кои го подобруваат животот на граѓаните во општините.

На средбата стана збор и за подготовката на промоција и почнување со работа на крајот на идниот месец на Лабораторијата за акцелерација, која Канцеларијата на УНДП ја основа во земјата, со цел приклучување на најбрзата и најголема светска мрежа за учење за предизвиците и целите на одржливиот развој.

Со станување членка на мрежата од 90 лаборатории, кои опфаќаат 114 земји, Северна Македонија ќе има увид во сите информации на УНДП во обезбедувањето решенија за постигнување на целите на одржливиот развој до 2030 година.