Заев-Руте: Реформите од исклучително значење за Македонија

978

Премиерот Зоран Заев на Самитот на ЕУ за Западен Балкан денеска во Софија оствари средба со холандскиот премиер Марк Руте.

Во придружба на вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи и шефот на дипломатијата Никола Димитров, премиерот Заев на средбата изрази големо задоволство од билатералните односи меѓу двете земји кои оваа година одбележуваат 25 години од воспоставувањето дипломатски односи.

Добрите односи меѓу Република Македонија и Кралството Холандија, констатираа двајцата премиери, е крунисано со исклучително позитивни искуства во сферата на политичката и културната соработка, посебно во туризмот, како и во економските врски меѓу двете земји, соопшти владината прес-служба.

Холандија е силен поддржувач на обновата на политичкиот систем и институциите после политичката криза во Македонија и останува со силна поддршка во креирањето на слободно функционално општество и пазарна економија, било истакнато на средбата.

Заев го информираше својот колега, Руте, за актуелниот политички момент во Македонија, и истакна дека владата останува максимално посветена на континуитетот во реформите, кои после неусловената препорака за старт на преговори со ЕУ од страна на Европската комисија, добија нова движечка сила во спроведувањето и во утврдувањето на приоритетите.

Заев на средбата го запозна холандскиот премиер со последниот развој во разговорите со Грција за прашањето на името и информираше дека двете страни се целосно посветени на успешен исход во интерес на двете земји.

Максималните напори на двете страни во преговорите се од особено значење и заради фактот што Република Македонија нема алтернатива во аспирациите за членство во ЕУ и НАТО и взаемната поддршка во изнаоѓањето заеднички прифатливо решение ќе го поттикне процесот до неговата цел.

На средбата е истакнато дека поддршката на земјите членки на ЕУ во решавањето на ова прашање, како и во охрабрувањето на реформските процеси соодветни на стандардите на ЕУ, е од исклучително значење за Македонија, но и за ЕУ заради интеграцијата на регионот и стабилноста на Западен Балкан, се додава во соопштението на владината прес-служба.