Заев: Потребна е јасна перспектива во НАТО и ЕУ

109

Нашата Армија и досега, посредно, учествуваше во мисијата „КФОР“ преку обезбедување на логистичка поддршка за НАТО преку координативниот центар за поддршка на земјата домаќин, кој вршеше координација со силите на КФОР при царинските и граничните процедури на транспортот, вклучувајќи и други потреби на КФОР од доменот на логистичкото обезбедување.

Оваа мисија, сепак има посебно значење Армијата, бидејќи за прв пат директно учествува во мисијата „КФОР“ како 30-та земја членка на НАТО, како армија која е рамноправен член и дел од најмоќниот воено-безбедносен сојуз на светот, рече Зоран Заев.

– Армијата на Република Северна Македонија, синонимот и чуварот на македонскиот суверенитет и државност, ја докажа својата подготвеност, интер-оперативност и способност за извршување на најтешки задачи, во досегашното 18 годишно учество во мировните мисии „Исаф“ и „Одлучна поддршка“ во Авганистан и во мисиите „Слобода за Ирак“, „Алтеа“ во Босна и Херцеговина“ и „Унифил“ во Либан. И до сега, и понатаму како членка на НАТО, Северна Македонија и нејзината Армија свечено ја преземаат обврската во континуитет да го даваме нашиот придонес во безбедносни предизвици што стојат пред НАТО.

Северна Македонија е целосно посветена на своите обврски како нова земја-членка на НАТО, вклучително и во поделбата на товарот, и придонесува како достоен сојузник. Ќе продолжиме да се вклучуваме во операциите и мисии на НАТО и да се прилагодуваме на безбедносните приоритети.И покрај предизвиците за економијата поради пандемијата, остануваме доследни на исполнување на обврската да го зголемиме буџетот за одбрана за 0,2% и да достигнеме 2% од БДП до 2024 година. Важен дел од ова издвојување, околу 50%, се за подобрување на стандардот на професионалците од Армијата, 30% се предвидени за повеќе и подобри обуки и тренинзи, а околу 20% се наменети за модернизација на Армијата.Со тоа ќе ги зајакнеме капацитетите и можностите на нашата армија со подобрување на професионални стандарди на нејзините припадници, и со тоа ќе го зголемиме нашиот придонес за интер-операбилност со другите сојузници во НАТО – рече Заев.
Според него, припаѓаме на регион кој сè уште се соочува со различни предизвици и затоа сме убедени дека постои потреба за негова јасна перспектива во НАТО и ЕУ.

– Западен Балкан не е изолиран остров. Тој е неразделно поврзан со западноевропските и трансатлантските вредности.Северна Македонија ќе продолжи да биде силен промотор на регионална политичка и одбранбена соработка и дијалог, преку структурирање на регионални активности и иницијативи.Како никогаш порано, нашиот регион е во можност да ја искористи таквата платформа што произведува ефект на поврзување заснован на заедничката волја да се стреми кон евроатлантска интеграција.И ова учество на Армија на Северна Македонија во Мисијата КФОР е нашиот придонес во таа насока – додаде тој.