Заев: Пописот мора да се заврши за државата да не работи во матно

180

Одговарајќи на новинарско прашање за важноста од пописот и можноста од негово одложување, премиерот Зоран Заев денеска посочи дека секогаш може да се решат сите прашања кога има простор за консензус.

Сепак, како што нагласи тој, 20 години Северна Македонија нема попис.

– Тука во Владата, на локално ниво, градоначалниците, сите државни, локални претпријатија, сите приватни фирми, па и целиот наш народ, работиме во магла, во матно, не ги знаеме бројките. Не знаеме колку сме, каде сме распоредени, кои ни се индустриските параметри, кои ни се основните ресурси и каде тоа дава сериозни индикации за зголемување на економскиот раст на државата – потенцира Заев.

Како што рече тој, пописот е статистичка операција и наша должност е да ја направиме.

– Предвиден е да се спроведе од 1 до 21 април и тој треба да се заврши. Уште еднаш ќе повторам. Налето никаде не се прави попис, септември е кампања, октомври се локални избори. Ако одлагаме, за кога да одложиме. За мај? Тоа нема ништо да смени. Треба да се фокусираме сите одговорно да го завршиме пописот, а тоа е граѓанска обврска јасно утврдена со закон. Ако сме држава, треба државнички да се однесуваме и државнички да се поставиме. Пописот е насушна потреба во интерес на сите граѓани – заклучи премиерот.