Заев: Очекуваме огромна економска корист од Преспанскиот договор

71

– Македонија ќе има огромна економска корист од Договорот од Преспа потпишан со Грција – оценува во интервју за Франс прес премиерот Зоран Заев.

Во пресрет на денешната официјална посета на неговиот грчки колега Алексис Ципрас на Скопје, Заев вели дека со него доаѓаат и многу грчки бизнисмени заинтересирани за инвестирање во земјава.

-Доаѓаат претставници на големи компании кои имаат годишен обрт од милијарди ецра како што се Мотор оил, Митилинеос груп – наведува Заев.

Грчките компании, како што посочува, веќе покажале интерес за инвестирање повеќе од 500 милиони евра во енергетскиот сектор во Македонија, а има интерес за вложување и во земјоделството и други сектори.

Во рамки не денешната посета Ципрас на Скопје, ќе биде одржан и Бизнис форум, на кој ќе се обратат двајцата премиери. Најавено е учество на претставници на повеќе од сто големи и средни грчки компании кои се заинтересирани за инвестирање во земјава.