Заев и Царовска: Креиравме социјална реформа која целосно ја менува грижата за ранливите групи

74

„Тргнавме од определбата да создаваме праведно општество, кое вистински се грижи, за намалување на социјалната нееднаквост во општеството, и креиравме социјалната реформа која целосно го менува начинот на кој се грижиме за ранливите групи граѓани и значително ја зголемуваме финансиската помош која ја добиваат“, рече во изјавата за медиумите претседателот на Владата, Зоран Заев, кој денеска заедно со министерката за труд и социјална политика Мила Царовска и со директорката на ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа, Наташа Станојевиќ, имаа средба со корисници на социјална помош и социјални работници.

На средбата, која беше организирана за да се слушнат граѓаните и нивните пораки за мерките од социјалната реформа и за нејзината реализација според нашите очекувања.

Реформите во социјалната и детска заштита ги правевме многу внимателно, истакна на средбата премиерот Заев, со цел да ги опфатиме сите ранливи категории и да овозможиме еднакви шанси за секое дете, бидејќи тоа е определбата на оваа Влада и таква држава заслужуваат нашите граѓани.

– Оваа реформа, којашто ја направивме оваа година, и веќе шест месеци можеме да кажеме дека ги дава резултатите, опфаќа повеќе од 120.000 граѓани. Важно е да се каже дека со социјалната пензија или државната пензија веќе опфативме 4 илјади корисници, што значи дека полека ги достигнуваме таргетите. Образовниот и детскиот додаток ги даваат своите резултати, тие ги дополнуваат приходите на семејството, се со цел да идните генерации ги стимулираме да излезат од сиромаштија преку образование – истакна министерката Мила Царовска.

Таа додаде дека со социјалната реформа се воведува и нов начин на работа на социјалните центри. Лицата во социјален ризик добија семеен социјален работник, којшто ќе работи директно со нив, се до извлекување од ризикот во којшто се наоѓаат.
Директорката на ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа, Наташа Станојевиќ нагласи дека новиот систем овозможува поддршка, обуки и советување, за да може секој човек да почне да работи, и дека граѓаните веќе ги чувствуваат придобивките од социјалната реформа.

Овие придобивки ги потенцираа и корисниците на социјална помош кои рекоа дека новите реформи со зголемената финансиска поддршка, и особено мерките за стекнување квалификации за вработување, им отвораат реални шанси да се извлечат од наследената сиромаштија.

На средбата беше кажано дека вкупно 27.000 семејства во моментот ја примаат гарантираната минимална помош, 27.130 деца земаат детски додаток, образовниот додаток го користат 8.678 деца, а со мерката социјална пензија се опфатени 4.148 возрасни лица. Се очекува овие бројки да продолжат да растат.