Заев и Мицкоски коалицираат на платформата подобар живот

584
Фото: Игор Бансколиев

НОВОГОДИШНИ РЕЗОЛУЦИИ ОД ПОЛИТИЧКАТА СЦЕНА

Кои се, всушност, новогодишните заклетви или ветувања на домашните политичари, кои се однесуваатсамите нив, но и во поширок контекст? За „Нова Македонија“ своите новогодишни резолуции ги откриваат премиерот Зоран Заев, лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, министерката за правда Рената Десковска, градоначалникот на Центар Саша Богдановиќ, како и заменик-министерот за економија Кирил Колемишевски

Нова година е време за нови промени и нови предизвици. Најчесто на крајот од старата година ги сумираме резултатите со надеж следната да ни биде подобра, ветувајќи си себеси нови работи и промени, кои понекогаш брзо по празниците се случува и да се заборават, но и да не се почитуваат. Во таа насока постои една западна традиција наречена новогодишна резолуција, која како и сѐ друго од Западот, полека се вовлекува и кај нас меѓу нашите граѓани, но и кај познатите личности и политичарите. Поентата на оваа новогодишна резолуција или заклетва е, всушност, што лично ќе промените или започнете од новата година? Што ќе промените во себе, дали ќе се подобрите, но и што ќе испланирате да остварите за другите? Во таа насока „Нова Македонија“, следејќи ги светските медиумски трендови познати како новогодишна резолуција, се обиде да дознае кои се, всушност, новогодишните ветувања кај домашните политичари, кои се однесуваат на самите нив, што сметаат дека треба да променат прво кај себе.

Одговорите што ги добивме посочуваат дека новогодишните резолуции во голема мера сепак се застапени и кај домашните политичари. Премиерот Зоран Заев за „Нова Македонија“ како своја новогодишна резолуција пред себе и граѓаните ја согледува одлуката за враќање на слободата и демократијата во земјава, но и подобрување на животниот стандард кај населението во наредната година многу повеќе од минатата.

– Влегуваме во нова суштински важна година за нашата земја. Годината 2020 ќе биде запишана како година кога Северна Македонија стана полноправна земја-членка на НАТО, најмоќниот воено-безбедносен сојуз на светот во кој стануваме сојузници еднакви со САД, СР Германија, Велика Британија, Франција, Грција, Бугарија, Хрватска и уште 22 други земји, наши пријатели, сопатници во обезбедувањето на мирот, безбедноста и сигурноста за светот и за нашиот регион. Со тоа ги вративме слободата и демократијата. Нашата земја зазема маркантно место на мапата на светот зашто реши историски спорови со соседите. Во таа насока во претстојната година ќе продолжиме да го правиме најдоброто за секој наш граѓанин, а тоа е наша должност и наша обврска – вели премиерот Зоран Заев за „Нова Македонија“. Претседателот на Владата понатаму, како новогодишна резолуција, за себе и за граѓаните ветува поголем економски раст од минатата година.

– Економскиот раст од минус отиде во плус и постојано расте. Странските и домашните инвестиции постигнуваат рекорди. Невработеноста се спушти на историски најнизок процент. Платите растат. Продолжуваме на патот што Северна Македонија и нејзините граѓани ги прави држава и нација достојни за евроатлантското семејство на сојузници и пријатели, знаменосци на прогресот и на демократските вредности. Конечно, во 2020 година ќе бидеме сведоци и на подготвеноста на државата да организира беспрекорни избори според европските демократски стандарди – вели премиерот Заев.

Од друга страна, за тоа која е неговата новогодишна резолуција, лидерот на опозицијата и на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, за весникот „Нова Македонија“, одговори дека тоа ќе бидат промените што ќе ја донесат неопходната обнова на Македонија за подобар живот.

– Во новата година посакувам здравје и среќа за секое семејство. Сигурност со која може да се планира, енергија со која може да се оди напред, мудрост со која може да се поминат препреките. Во годината што следува посакувам промени што ќе ја донесат обновата што ни е неопходна, а обновата се правда, принципи, победи и промени за подобар живот. Знам дека Македонија може и заслужува повеќе. Точно знам што сака нашиот народ и можам да кажам дека заедно ќе ги донесеме промените и победите – вели Мицкоски за „Нова Македонија“ објаснувајќи притоа дека тоа е неговата новогодишна резолуција.

Новогодишните резолуции, сепак, се нова навика за поубава и поуспешна година и за заменик-министерот за економија Кирил Колемишевски.

– Во новата година интензивно ќе работам да симнам некој килограм, да придонесам за развојот на македонската економија, да најдам повеќе време за медитација и најбитното: заедно со сопругата да ја уредиме собата за новиот член од семејството што го очекуваме – ни рече накратко заменик-министерот за економија Колемишевски.

Министерката за правда Рената Дескоска својата резолуција, која ќе ја практикува во наредната година, ја согледува токму во поголемата продуктивност во работните обврски, но и во промените во однос на исхраната и своето здравје.

– Мојата резолуција за 2020 година е да се посветам повеќе на себе и на своето здравје. Последните неколку години, проследени со значителен обем на работа, го оставија својот белег врз мене. Значи, во 2020 година: повеќе прошетки, поздрава исхрана… и да, љубител сум на театарот, и дефинитивно почесто би сакала да го посетувам – вели министерката за правда Дескоска.

Одговарајќи на прашањето која е неговата новогодишна одлука што ќе ја практикува во целост од следната година, градоначалникот на општината Центар Саша Богдановиќ, за „Нова Македонија“, вели дека ќе се заложи да одвои повеќе време за блиските и семејството во годината што следува, но истовремено колку што е можно повеќе ќе ја направи општината Центар уште поубаво место за престој и за живеење на граѓаните.

– Што се однесува до приватното, би сакал да имам повеќе време за блиските, семејството, пријателите. Да имам време да прочитам уште некоја добра книга плус или да изгледам некој филм, да отпатувам на некоја нова и интересна дестинација. Како и секој самосвесен човек, да имам повеќе можности да работам на себе, да бидам смирен и подобар како личност, затоа што секогаш можеме да бидеме подобри луѓе. На професионален план посакувам оваа година да биде просперитетна и продуктивна. Да се држиме до проектираните општински програма и активности, да можеме да одговориме на предизвиците што ни претстојат и да ја направиме општината Центар уште поубаво место за престој и живеење – вели градоначалникот на Центар.

[email protected]