Заев: Имаме Агенција за национална безбедност која ѝ доликува на земја членка на НАТО

86

Претседателот на Владата Зоран Заев денеска беше гостин на првата годишнина на Агенцијата за национална безбедност (АНБ).

Денеска, заедно со вработените на Агенцијата за национална безбедност, ја одбележавме првата годишнина од основањето на Агенцијата за национална безбедност. Им посакав секој 1-ви септември во иднина да го одбележуваме во име на успешното натамошното извршување на сложените безбедносни задачи.

Со отпочнувањето со работа на Агенцијата, точно пред една година, беше направен последниот чекор во реформата на безбедносниот сектор во нашата земја со кој Управата за безбедност и контраразузнавање, која во изминатиот период беше злоупотребена за поединечни лични и групни интереси, конечно замина во историјата.

Со владините реформи во системот на безбедносните служби, претходно ја формиравме Оперативно техничката агенција (ОТА) со што го разбивме монополот односно концентрацијата на моќта која поранешната УБК ја имаше на системот за следење на комуникациите со кој беа направени тешки злоупотреби и сериозни упади во приватноста на граѓаните.

Реформскиот процес на безбедносно-разузнавачкиот систем се надополни со формирање на Телото за координација на безбедносно-разузнавачката заедница со точно утврден делокруг на работа, состав, начин на работа и донесување на одлуки, како и конкретни аспекти во врска со неговата работа во функција на спроведување ефикасна координација на безбедносно-разузнавачката заедница. Сега имаме агенција која работи целосно во согласност со Уставот, законските и подзаконски акти, како што впрочем и доликува на безбедносна служба на земја членка на НАТО. Служба со развоен концепт за постојано унапредување на капацитетите на безбедносниот систем, за да може со успех да се носи и справува со современите закани и ризици по националната и меѓународната безбедност.

Во оваа насока Агенцијата ќе има постојано силна поддршка од Владата, но и од останатите институции во државата. Во таа насока, заедно со честитките за годишнината, на сите во Агенцијата за национална безбедност им посакав храбро да продолжат уште помотивирано и поистрајно да работат на изградбата на современа, модерна безбедносна служба која целосно ќе биде во функција на заштита на безбедносните интереси на Република Северна Македонија и на сите нејзини граѓани, истакна Заев.