Заев: Ги унапредуваме правата и овозможуваме подобри услови за лицата со попреченост

21

Премиерот Зоран Заев, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, како и министрите за образование и наука и за здравство, Арбер Адеми и Венко Филипче, денеска учествуваа на меѓународната научно-стручна конференција „70 години – организирана едукација, рехабилитација и вработување на лица со попреченост во Република Северна Македонија“.

– Тие се исти како и сите нас, само им е неопходна поголема поддршка за да може да се школуваат, да добиваат соодветен третман од институциите, а потоа и да се вработат – рече Заев во своето поздравно обраќање во рамките на отворањето на конференцијата во Битола.

Наведувајќи го примерот на Нина, која одговорно, професионално и посветено работи во библиотеката на Владата, а е девојка со Даунов синдром, премиерот Заев истакна дека сите институции треба да ги отворат вратите и да им дадат еднакви шанси за вработување на сите, без разлика на нивниот физички изглед.

– Малобројни се и примерите за вклученост на децата со попреченост во образовниот процес. И во овие сфери, едноставно, мора да сториме повеќе. Но, сè почнува и зависи од нашата свест. Ова мало општество, како што е нашето, навистина треба да се ослободи од стигмата и дискриминацијата кон лицата со попреченост, но и кон сите други што на овој или оној начин се разликуваат од нас. Пораките што секојдневно ги пренесуваме треба да бидат пораки за заедништво, за прифаќање и почитување на различностите – заклучи Заев.

Унапредувањето на правата и овозможувањето подобри услови за лицата со попреченост, како што рече министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, се приоритети на Владата на Република Македонија и на Министерството за труд и социјална политика.

Истовремено, како што истакна министерката Царовска, со новиот Закон за социјалната заштита, кој е дел од социјалната реформа, се воведуваат две целосно нови услуги за лицата со попреченост – лична асистенција и услугата домашна нега.

Во таа насока, како што додаде таа, минатата година Владата ја усвои националната стратегија за деинституционализација 2018-2027 „Тимјаник“, која предвидува 66 милиони евра за 10-годишна реформа на системот за социјална заштита.

– Посветено работиме на процесот на деинституционализација со кој создаваме едно општество за сите. За 16 месеци, бројот на лица сместени во установи е намален 32 отсто. Во декември 2017 година во социјалните установи за долгорочно згрижување во земјата биле сместени 482 корисници, а сега таа бројка изнесува 328. 75 отсто е намален и бројот на деца сместени во институции. Со отворањето на малите групни домови и воспоставувањето квалитeтна база на згрижувачки семејства децата повеќе не се згрижуваат во големите установи – заклучи Царовска.

Имајќи предвид дека правото на образование е уставно загарантирано, како што рече министерот Адеми, институциите на системот се должни да овозможат пристап до образовниот систем за секој поединец и тој пристап да биде приспособен во согласност со неговите потреби.

Министерот за здравство, пак, Венко Филипче, во рамките на доменот на своето дејствување на конференцијата „70 години – организирана едукација, рехабилитација и вработување на лицата со попреченост во Северна Македонија“, најави дека до март 2020 година како пилот-проект ќе се спроведува модел за процена на дополнителна образовна, здравствена и социјална поддршка на дете и младинец, базиран на Меѓународната класификација на функционирањето, изработен од Канцеларијата на УНИЦЕФ.

Исто така, министерот Филипче пред присутните експерти од областа посочи дека во Министерството за здравство од 2017 година постои посебно работно тело за спроведување на активностите за подобрување на здравствената заштита на децата со попреченост и на лицата со инвалидност и веќе се почнати активности за подготовка на ситуациона анализа, која треба да даде попрецизна слика за капацитетите на јавните здравствени установи во поглед на простор, опрема и кадар, како и во поглед на применливите протоколи за лекување на децата со попреченост.

-Улогата на сите нивоа на власта е да создадат достоинствени услови за живеење, образование и вработување на лицата со попреченост – истакна градоначалничката на Битола, градот домаќин на конференцијата.